Како одговор на обвинувањата на СДСМ дека Вучиќ се однесувал навредливо кон Шекеринска на маргините на Минхенската безбедносна конференција, претседателката на српскиот парламент и висока функционерка на СНС побара опозициската партија во земјава да не ги извртува зборовите на српскиот претседател, но и да не го релативизира, како што рече, кршењето на меѓународното право и Повелбата на ОН во случајот со Србија
Претседателката на српскиот парламент и висока функционерка во владејачката СНС, Ана Брнабиќ, изјави дека соопштението на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во врска со односнот на Александар Вучиќ кон Радмила Шекеринска е срамно, оценувајќи дека српскиот претседател не кажал ниту еден лош или несоодветен збор за заменик-генералната секретарка на НАТО.

Како одговор на обвинувањата на СДСМ дека Вучиќ се однесувал навредливо кон Шекеринска на маргините на Минхенската безбедносна конференција, Брнабиќ побара опозициската партија во земјава да не ги извртува зборовите на српскиот претседател, но и да не го релативизира, како што рече, кршењето на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации во случајот со Србија.
„Вучиќ не кажа ниту еден лош или несоодветен збор за Радмила Шекеринска. Секој што сака и кого го интересира вистината, може самиот да се увери слушајќи ја снимката од изјавите на српскиот претседател од Минхен. Секој што воопшто го познава него и неговата работа, знае дека тој најмногу ги почитува жените и постојано нагласува дека жените се столб на стабилноста на секое општество“,
изјави Брнабиќ.
Таа во оваа смисла рече дека првата жена премиерка во историјата на Србија била назначена од Вучиќ, за разлика од СДСМ кој, како што рече, никогаш не ѝ дал таква доверба на жена.
„Конечно, можно е дека СДСМ сака да нè убеди дека НАТО не извршил агресија и не го прекршил меѓународното право со бомбардирањето на Србија и Црна Гора, иако е тешко да се убеди самиот македонски народ во ова бидејќи дел од тие бомби завршиле таму“,
рече Брнабиќ, додавајќи дека СНС секогаш ќе реагира на ваквите наводи.
Српскиот претседател Александар Вучиќ од конференцијата во Минхен рече дека, веројатно сакајќи да ја критикува Република Српска, Шекеринска зборувала за загриженост поради некои сецесионистички изјави во регионот што не придонесуваат за мирот и истакнала дека тоа го кажале луѓе кои ја поддржуваат еднострано прогласената независност на Косово.
Опозицискиот СДСМ го осуди однесувањето на српскиот претседател кон заменик-генералната секретарка на НАТО обвинувајќи го за понижувачки и шовинистички пристап и адресирање навреди наместо аргументи.
