Брнабиќ на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на шестмесечниот извештај за работата на УНМИК рече дека косовските власти спроведуваат „политичко и институционално насилство врз Србите“ на Косово и дека помалку од два отсто од Србите кои претходно го напуштиле Косово се вратиле таму. Таа изјави и дека е „крајно време“ да се формира Заедницата на српски општини и дека тоа „мора да биде согласно договорите од 2013 и 2015 година“
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, пред Советот за безбедност на ОН изјави дека на 24 септември Косово било „мета на агресивен напад од Србија“ во кој биле користени „терористи и паравоени групи“, кои биле финансирани, обучени, вооружени и ја имале политичката поддршка на Белград
Шефицата на УНМИК, Каролин Зијаде, во своето обраќање на седницата рече дека е клучно да се спроведе истрага за нападот кај Бањска на 24 септември и сторителите да се изведат пред лицето на правдата
Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) вечерва расправа за новиот, шестмесечен извештај на генералниот секретар на меѓународната организација, Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ОН на Косово – УНМИК.

Србија на седницата ја претставува премиерката Ана Брнабиќ, додека ставовите на Косовските власти ги застапува претседателката, Вјоса Османи.
Шефицата на УНМИК, Каролин Зијаде, во своето обраќање на седницата рече дека е клучно да се спроведе истрага за нападот кај Бањска на 24 септември и сторителите да се изведат пред лицето на правдата.
За време на седницата, косовската претседателка Вјоса Османи ја обвини Србија за „агресивен напад“ кај Бањска чија цел бил анексија на северот на Косово, додека српската премиерка Ана Брнабиќ нагласи дека Белград е подготвен да обезбеди докази дека Србија и нејзините безбедносни структури немаат никаква врска со настаните во Бањска, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Инаку, за потсетување во нападот на косовската полиција на 24 септември кај селото Бањска, на северот на Косово, загина полицискиот наредник Африм Буњаку, а неколку други беа повредени. Во престрелката меѓу полицијата и вооружената група загинаа тројца напаѓачи, а во околината на Бањска беше пронајден голем арсенал оружје.
Косово од самиот почеток го обвинува официјален Белград за нападот, наводи кои Србија ги негира.
Истрагата за Бањска е од суштинско значење, вели шефицата на УНМИК
Шефицата на УНМИК на седницата рече дека инцидентот ја влошил и онака нарушената безбедносна состојба на Косово и дека истрагата за негово расветлување е од суштинско значење.
„Од суштинско значење е истрагите што во моментов се водат да овозможат овој настан да се документира со факти и сторителите да се изведат пред лицето на правдата“,
рече Зијаде.

Таа посочи дека се очекува од двете страни – Србија и Косово да се ангажираат во имплементацијата на постигнатите договори, кои, меѓу другото, предвидуваат, како што рече и формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство без одлагање и услови.
„Неуспехот да се постигне политички договор продолжува да влијае на животите на обичните луѓе“,
додаде таа.
Зијаде, исто така, истакна дека тензиите и вознемиреноста на Косово „се поттикнати од политичката реторика што предизвикува поделба“.
Таа изрази надеж дека исходот од состаноците предводени од ЕУ и САД, кои се одржаа одделно во Белград и Приштина на 21 октомври, ќе го вратат дијалогот на вистинскиот пат, со посветеност на двете страни да преземат чекори кон деескалација.
Брнабиќ: Крајно време е да се формира Заедницата на српски општини
Премиерката на Србија во своето обраќање на седницата на Советот за безбедност на ОН оцени дека ситуацијата на Косово „стана многу сериозна во последните 12 месеци“.
Брнабиќ рече дека косовските власти спроведуваат „политичко и институционално насилство врз Србите“ на Косово и дека помалку од два отсто од Србите кои претходно го напуштиле Косово се вратиле таму.
Таа изјави и дека е „крајно време“ да се формира Заедницата на српски општини и дека тоа „мора да биде согласно договорите од 2013 и 2015 година“.
„Рокот за основање на ЗСО помина пред пет или шест години, но сепак, ова е нешто што треба да се направи. ЗСО е незаменлив елемент на кој почива спроведувањето на сите понатамошни договори“,
рече Брнабиќ, пренесува РТС.

Таа, напомена и дека властите во Приштина во последните две години во неколку наврати отворено изјавиле дека немаат никаков интерес за формирање на ЗСО.
„За работите да бидат уште полоши, Приштина во последните 12 месеци активно поткопуваше сè што беше постигнато со Бриселскиот договор. На 3 ноември минатата година Албин Курти го разреши командантот регионалната полициска управа Север со што практично е расформиран мултиетничкиот состав на полициските сили на Косово, што е во директна спротивност на членот 9 од Бриселскиот договор“,
рече Брнабиќ.
Во врска со нападот кај Бањска, Брнабиќ посочи дека Белград и безбедносните структури на Србија „немаат никаква врска“ со овој настан и дека Белград е подготвен да обезбеди докази за тоа.
„Истрагите се во тек за да се дадат сите одговори и да се разјаснат сите нејаснотии околу овие настани, вклучително и начинот на кој двајца од тројцата починати Срби ги загубија животите, што се чини дека е ладнокрвна егзекуција откако тие се предадоа. Одговорно тврдам дека ниту Белград, ниту безбедносните структури на Србија немаат никаква врска со овој настан, а ние сме подготвени на меѓународната заедница да ѝ ги доставиме сите информации и докази кои се достапни денес за да ја потврдиме оваа изјава“,
нагласи Брнабиќ.
Настанот во Бањска, додаде премиерката на Србија е „логична последица на владеењето на стравот и теророт што Приштина одлучи да ги спроведува“.
На крајот од својот говор пред Советот за безбедност на ОН, Брнабиќ изјави дека КФОР треба привремено да ја преземе одговорноста за безбедноста на северот на Косово.
Косово беше мета на агресивен напад од Србија, вели Вјоса Османи
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, пред Советот за безбедност на ОН изјави дека на 24 септември Косово било „мета на агресивен напад од Србија“ во кој биле користени „терористи и паравоени групи“.

Таа изјави дека планот на Србија бил да го анектира северно Косово.
„Овие терористички и паравоени групи (на северот на Косово) беа финансирани, обучени, вооружени и добија политичка поддршка од Србија“,
рече Османи, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.
As we all know, democracy and freedom always prevail.
— Vjosa Osmani (@VjosaOsmaniPRKS) October 23, 2023
No matter how hard the hurdles, no matter how thorny the road, no matter how painful the sacrifice, the people of Kosovo will never ever give up on their freedom. pic.twitter.com/bV9xn8mVSw
Во пресрет на седницата беше објавен шестмесечниот извештај за работата на УНМИК во кој генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш вели дека „најостро ги осудува нападите врз меѓународните сили на теренот и употребата на насилство.
„Ги повикувам сите страни да се воздржат од преземање еднострани чекори кои би можеле да доведат до засилување на тензиите и натамошна ескалација. Ескалацијата на тензиите и безбедносните инциденти во мај и јуни негативно влијаеше на процесот на дијалог, кој останува единствениот начин за решавање на сите отворени прашања“,
вели Гутереш.

Во извештајот, кој не го вклучува периодот во кој се случи вооружениот конфликт во Бањска, Гутереш напиша и дека е загрижен што страните не постигнале значителен напредок во спроведувањето на Договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и дека допрва треба да се договорат за редоследот на примена на одредбите од неговиот анекс, за кој двете страни постигнаа договор на 18 март во Охрид.
„Недостигот на напредок во дијалогот носи ризик од дополнителни тензии и можна ескалација на теренот. Ги повикувам страните да ја потврдат својата вистинска посветеност на дијалогот со посредство на Европската Унија и целосно да ги спроведат сите договори постигнати досега“,
наведува Гутереш.
Тој посочува и дека е од клучно значење да се најде решение за итно одржување на вонредни и инклузивни локални избори на северот на Косово, со учество на косовските Срби, со цел да се намалат тензиите и да се оди напред.
