„Ќе се чувствувам многу поблиска со земјите кои гласаа ‘против’ или ‘воздржано’, или ја напуштија просторијата“, изјави претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ еден ден по усвојувањето на резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на ОН
Ќе ми биде исклучително тешко да соработувам со земјите кои беа спонзори и коспонзори на резолуцијата за Сребреница. Ова во изјава за РТС денеска го изјави претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ откако вчера во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) беше усвоена резолуција со која 11 јули се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година.

„Ќе се чувствувам многу поблиска со земјите кои гласаа ‘против’ или ‘воздржано’, или ја напуштија просторијата. Ќе продолжиме да работиме со нашите партнери, Европската Унија е во наш интерес, но јас секогаш ќе бидам со земјите кои беа со нас“,
изјави Брнабиќ во гостувањето на РТС.
Изрази благодарност до Унгарија која гласаше „против“ резолуцијата, како до Кипар, Грција и Словачка кои се воздржаа од гласањето, а особено го истакна примерот на Монако, чии претставници во Генералното собрание на ОН ја напуштија салата за време на гласањето.
„Голема благодарност до Монако. Тоа е и показател за голем интегритет“,
рече Брнабиќ.
Усвојувањето на резолуцијата за Сребреница Брнабиќ го оцени за голем фаул за западните сили. Рече дека целиот свет ја видел надменоста и ароганцијата на големите сили.
„Тие ги направија правилата на игра за да може без прашање да се предложи резолуција за земјата на која се однесува, а тоа е Босна и Херцеговина. БиХ не застана зад резолуцијата, туку еден член на Претседателството. Според тие правила на игра документот беше усвоен со 43 отсто гласови ‘за’ и повеќе од 57 отсто од ‘воздржани’ или ‘против’. Дејтонскиот договор беше прекршен и ние ќе бидеме со нашиот народ во БиХ. Ќе почекаме неколку дена да видиме што ќе се случи. Она што сега можам да го кажам е дека ова е голем фаул од западните сили“,
рече претседателката на српскиот парламент.
Генералното собрание на Обединетите нации вчера со мнозинство гласови ја усвои Резолуцијата за Сребреница.
Документот го поддржаа 84 земји, „против“ беа 19, а „воздржани“ 68 држави. Резолуцијата беше предложена од Германија и Руанда, а потоа спонзорирана од уште 34 земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики меѓу кои и Северна Македонија, освен Србија и Црна Гора.