Бројот на респиратори во Србија се третира како државна тајна, рече српската премиерка Ана Брнабиќ на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за тоа со колку респиратори располага државата.
Брнабиќ уште рече дека тоа било така во сите држави.
„Ви кажувам дека има доволно“, рече таа.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера на прес-конференција кажа дека Министерството за здравство треба да распише итна набавка на 15 респиратори, на што Брнабиќ денеска коментираше дека набавката е за секој случај, а не затоа што вакви апарати нема доволно.
„Тоа што ќе набавуваме е за секој случај, затоа што сакаме да биде 200 проценти сигурни. Вчера претседателот Вучиќ ги праша надлежните во здравството дали може да кажат бројки и тие ми рекоа дека не може јавно да се зборува за бројки“,
рече Брнабиќ.
Во Србија досега се регистрирани 19 случаи на заразени со коронавирус и сите се хоспитализирани.