Според првичните извештаи на шкотскиот политичар му се слошило откако одржал говор во Северна Македонија, наведуваат Би-би-си и „Гардијан“. Дел од македонските медиуми објавија дека на Салмонд му се слошило за време на ручекот во охридски хотел, по што починал околу 15:30 часот
Водечките британски и шкотски политичари преку објави на социјалните мрежи вечерва му оддадоа почит на поранешниот прв министер на Шкотска, Алекс Салмонд кој денеска попладне ненадејно почина во Охрид.
Салмонд беше еден учесниците на вториот Форум за културна дипломатија чиј коорганизатор беше Кабинетот на поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов.
Неговата ненадејна смрт е ударна вест во безмалку сите вечерашни изданија на медиумите во Британија.
Според првичните извештаи на шкотскиот политичар му се слошило откако одржал говор во Северна Македонија, наведуваат Би-би-си и „Гардијан“.
Дел од македонските медиуми објавија дека на Салмонд му се слошило за време на ручекот во охридски хотел, по што починал околу 15:30 часот.
Стармер: Салмонд беше монументална фигура на шкотската и британската политика
Британскиот премиер, Кир Стармер во објава на платформата Икс напиша дека повеќе од 30 години, Алекс Салмонд беше монументална фигура на шкотската и на британската политика, кој зад себе остава трајно наследство.
„Како прв министер на Шкотска, тој длабоко се грижеше за наследството, историјата и културата на Шкотска, како и за заедниците што ги претставуваше како пратеник во британскиот и во шкотскиот парламент во текот на долгите години служба. Моите мисли се со оние кои го познаваа, неговото семејство и неговите најблиски. Во име на владата на Обединетот кралство денеска им изразувам сочувство“,
напиша Стармер.
For more than 30 years, Alex Salmond was a monumental figure of Scottish and UK politics. He leaves behind a lasting legacy.
— Keir Starmer (@Keir_Starmer) October 12, 2024
My thoughts are with those who knew him, his family, and his loved ones.
On behalf of the UK government I offer them our condolences today. pic.twitter.com/LV70WrXHlD
Меѓу првите кои му оддадоа почит на ненадејно починатиот шкотски и британски политикар, беше претходникот на Стармер на функцијата премиер, Риши Сунак.
„Алекс Салмонд беше огромна фигура во нашата политика. Иако не се согласував со него за уставното прашање, не може да се оспори неговата вештина за дебата или неговата страст за политика. Нека почива во мир“,
напиша Сунак на Икс.
Alex Salmond was a huge figure in our politics. While I disagreed with him on the constitutional question, there was no denying his skill in debate or his passion for politics. May he rest in peace.
— Rishi Sunak (@RishiSunak) October 12, 2024
Лидерот на шкотските лабуристи, Анас Сарвар во својата изјава по повод трагичниот настан напиша дека „тажната вест за смртта на Алекс Салмонд денеска ќе биде шок за сите што го познаваа во Шкотска, низ Обединетото кралство и пошироко“.
Даглас Рос, поранешен лидер на шкотските конзервативци на Икс напиша дека Салмонд имал огромно влијание врз цела Шкотска
„Додека имавме спротивставени политички ставови, тој беше висока фигура во шкотската политика со која доминираше многу години“,
додава Рос во објавата, пренесува Скај њуз.
Кој беше Алекс Салмонд?
Во кратката биографија „Гардијан“ наведува дека Алекс Салмонд, кој почина на 69-годишна возраст бил една од највлијателните личности во кампањата за незавиност на Шкотска.
Тој беше прв министер на Шкотска од 2007 година, а од функцијата се повлече во 2014 година по неуспешниот референдум за незавиност, одржан истата година, по што лидерската позиција и ја предаде на неговата заменичка, Никола Старџен.
Taa, оддавајќи почит, како што пренесува Би-би-си, го нарекла Салмонд ментор и покрај нивното разидување во последните години.
„Шокирана сум и жалам што дознав за смртта на Алекс Салмонд. Очигледно, не можам да се преправам дека настаните од изминатите неколку години кои доведоа до распад на нашите односи не се случиле. Сепак, останува фактот дека многу години Алекс беше неверојатно значајна фигура во мојот живот. Тој беше мој ментор и повеќе од една деценија формиравме едно од најуспешните партнерства во политиката во Обединетото кралство“,
изјавила поранешната прва министерка на Шкотска, Никола Старџен.
Инаку, Салмонд ја предводеше Шкотската националистичка партија помеѓу 1990 и 2000 година, а потоа повторно од 2004 до 2014 година.
Горчлив белег на неговата политичка кариера, што беше и причина за пад на неговата популарност беа обвинувањата за сексуално вознемирување во 2018 година. Тој беше обвинет 14 престапи, но по судскиот процес во 2020 година беше ослободен од сите обвинувања, но имаше разорен ефект за неговата слика во јавноста.
Една година подоцна, тој ја формира националистичката партија Алба, чиј лидер е и во моментот на неговата смрт.
За трагичниот настан доцна попладнево информираа од канцеларијата на поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов, од каде што соопштија дека експретседател изразува длабоко и искрено сочувство до семејството на Салмонд.
Од канцеларијата на Иванов за државната новинска агенција МИА информираат дека вечерва ќе се одржи комеморација, на која свои обраќања ќе имаат поранешниот претседател, заменик-генералниот секретар на Обединетите нации и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН, Мигел Анхел Моратинос, како и дел од другите учесници на форумот. На комеморацијата, како што наведува агенцијата, ќе присуствува и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
Од Министерството за внатрешни работи, односно од Секторот за внатрешни работи Охрид во изјава за „360 степени“ велат дека засега можат само да го потврдат настанот, а со повеќе информации најавуваат дека ќе излезат утре.
Инаку, Салмонд вчера имаше излагање на второто издадени на Форумот за културна дипломатија во коорганизација на кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Алијансата на цивилизациите и Институтот за културна дипломатија од Берлин.