Истрагата е поврзана за фирмата „Кору кидс“ – една од шесте фирми за згрижување деца, кои најверојатно ќе имаат корист од мерката предложена во државниот буџет за минатиот месец, која има цел да ги поттикне луѓето да чуваат деца. Сопругата на Сунак, Акшата Мурти, е наведена како акционер во оваа компанија
Британскиот премиер Риши Сунак е под истрага од страна на комесарот за стандарди на британскиот Парламент поради потенцијален судир на интереси. Се испитува дали Сунак го пријавил учеството на неговата сопруга во компанија за згрижување на деца која би имала корист од новата владина политика.

Портпаролот на Даунинг стрит потврди дека истрагата е поврзана за фирмата „Кору кидс“ – една од шесте фирми за згрижување деца, кои најверојатно ќе имаат корист од мерката предложена во државниот буџет за минатиот месец, која има цел да ги поттикне луѓето да чуваат деца.
Сопругата на Сунак, Акшата Мурти, е наведена како акционер во оваа компанија.
Кога во март годинава говореше пред пратениците за новата владина политика, Сунак не спомена никаква врска помеѓу неговата сопруга и компанијата „Кору кидс“. На прашањето на пратеничката од Лабуристичката партија, Кетрин Мекинел, дали постои некаква врска меѓу интересите на неговата сопруга (а со тоа и неговите интереси) и предложениот буџет за згрижување деца, Сунак одговори дека ги пријавил сите интереси „на вообичаен начин“.
Сепак, според „Гардијан“, подоцна се покажало оти шефовите на оваа компанија присуствувале на приемот на Даунинг стрит неколку часа откако Сунак се појавил пред пратениците истиот ден.
Доколку истрагата утврди неправилности, комесарот може да побара од Сунак да се извини и да утврди чекори за да избегне какви било грешки во иднина или да го упати до комисија која има овластување да го суспендира или исфрли од Парламентот.