Стармер денеска имал телефонски разговор и со украинскиот претседател Володимир Зеленски на кој повторил дека Украина ја има силната поддршка на Обединетото Кралство и посветеноста на обезбедување праведен и траен мир за да се стави крај на нелегалната војна на Русија

Потребно е да се обезбеди праведен и траен мир во Украина, се согласиле британскиот премиер Кир Стармер и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Три години од почетокот на руската инвазија на Украина, Стармер и Урсула фон дер Лајен денеска имале телефонски разговор и се согласиле дека Европа мора да ги зголеми своите напори во корист на европската колективна безбедност.
„Премиерот утрово разговараше со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Тие разговараа за потребата да се обезбеди праведен и траен мир во Украина и се согласија дека Европа мора да се засили за доброто на колективната европска безбедност“,
се вели во соопштението од британската влада.
Оттаму додаваат дека Стармер ќе продолжи да ги има овие важни разговори во наредните денови и недели, вклучително и за време на неговата посета на Вашингтон, кога в четврток треба да се сретне со претседателот Доналд Трамп во Белата куќа.
Стармер денеска имал телефонски разговор и со украинскиот претседател Володимир Зеленски на кој повторил дека Украина ја има силната поддршка на Обединетото Кралство и посветеноста на обезбедување праведен и траен мир за да се стави крај на нелегалната војна на Русија.
„Тие се согласија дека ова е значаен момент за иднината на Украина и европската безбедност во целина“,
велат во соопштението од британската влада.
Стармер повторил дека Украина мора да биде во срцето на сите преговори за ставање крај на војната и дека заштитата на суверенитетот на Украина е од суштинско значење за да се одврати идната агресија од Русија.
Лондон, кој редовно ги истакнува историските „специјални односи“ со Вашингтон, има намера да игра посредничка улога меѓу САД и Европа во однос на Украина, пишува „Гардијан“.
