Британскиот министер за одбрана Бен Валас оцени дека Русија многу заостанува зад својот „распоред“, откако претходно рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата „специјална воена операција“ во Украина „се одвива според планот“, објави Би-Би-Си.
„И покрај ужасното секојдневно уништување и бомбардирање на цивилни области и голем број градови, Украинците излегуваат во текот на денот, се спротивставуваат, во некои случаи ги одбиваат и продолжуваат да се борат. Русија има значителен број не само жртви, туку и дезертери и луѓе кои се предаваат, а уништени се и многу тенкови и воена опрема“,
истакна Валас за Би-Би-Си.
Валас нагласи дека руските сили не успеале да го освојат главниот град Киев и дека имале лошо логистичко планирање во врска со превозните средства и храна за војската.
Британскиот министер го опиша Путин како „човек обвиткан со санкции што сам ги создал. Тој е човек кој го прекршил целото меѓународно право. Тој е човек кој е сè поизолиран“.