„Ние практично ја браниме Европа од Европа, бидејќи кај нас мигрантите реално влегуваат од земји членки на Европската Унија. Ја изнесов оваа идеја и пред премиерот Стармер на билатералната средба, дека би биле добредојдени британски експерти, британска експертиза, па дури и полициски офицери и припадници на армијата на Велика Британија, да заедно со нашите припадници ја штитиме нашата јужна и источна граница од нелегалната миграција“, изјави Мицкоски од Лондон каде ја предводи владината делегација на Самитит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес
Полициски офицери и припадници на британската армија да дојдат во земјава и заедно со своите македонси колеги да ги чуваат јужната и источната граница од илегални мигранти.
Оваа идеја му ја предложил премиерот Христијан Мицкоски на својот британски колега, Кир Стармер на нивната тет-а-тет средба што денеска ја имале на маргините на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, што се одржува во Лондон, а на кој една од темите е и илегалната миграција.

Во изјава за националниот радиодифузен сервис – МРТ, Мицкоски рече дека во делот на илегалната миграција нашиот став е апсолутно јасен.
„Ние практично ја браниме Европа од Европа, бидејќи кај нас мигрантите реално влегуваат од земји членки на Европската Унија. Ја изнесов оваа идеја и пред премиерот Стармер на билатералната средба, дека би биле добредојдени британски експерти, британска експертиза, па дури и полициски офицери и припадници на армијата на Велика Британија, да заедно со нашите припадници ја штитиме нашата јужна и источна граница од нелегалната миграција и на тој начин да ја штитиме и Европа. Ја презентирав нашата отворена покана“,
рече Мицкоски.
За средбата со Стармер, кој е домаќин на Самитот, македонскиот премиер претходно информираше преку објава на социјалните мрежи, во која наведе дека со премиерот на Британија разговарале за унапредување на билатералните односи меѓу двете држави.
„Разговаравме за унапредување на билатералните односи, поддршката на Обединетото Кралство за европската перспектива на регионот и зајакнување на економската соработка“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Инаку, во земјава неодамна се појавија шпекулации, а поттикнати од пишувања на британските медиумите, за наводни разговори меѓу Велика Британија и С Македонија за прифаќање мигранти во земјава.
Ваквите наводи, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски ги отфрли како дезинформации, кои, како што кажа се неосовани, штетни и служат исклучиво за дневнополичтки поени.
„Такво нешто не постои – ниту како иницијатива, ниту како политичка намера“,
напиша Муцунски на Фејсбук на 11 октомври, откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче истиот ден одговарајќи на новинарско прашање во врска со написи во странски медиуми го праша шефот на дипломатијата дали се разговара за носење мигранти во Македонија.
Говорејќи на темата безбедност, што денеска, исто така, била на дневен ред на Самитот во Лондон, премиерот Мицкоски изјави дека во овој дел ја потенцирале енергетската безбедност и патните коридори 8 и 10, кои, како што кажа, не се важни само за нас туку и за Европа и НАТО.
„Во делот на безбедноста го потенциравме фактот за енергеткста безбедност, развојот на гасните интерконектори, овој што во моментов го градиме со нашиот јужен сосед – Грција и тој којшто планираме многу скоро да почнеме да го градиме со нашиот северен сосед, а тоа е Србија. Континуирано ги споменуваме коридорите 10 и 8 коишто за нас како држава се многу важни, но и за Европа се многу важни, посебно за јужното крило на НАТО, бидејќи ги поврзуваат Јонското и Јадранското Море со Црното Море, тоа е Коридорот 8 и Коридорот 10 којшто ги поврзува практично овој дел на Медитеранот, односно Егејското Море со Централна Европа“,
рече Мицкоски.
Прашан за средбата со кралот на Велика Британија, Чарлс Трети, премиерот рече дека настанот бил невообичаен, за како што кажа, претставниците од балканските земји, но и голема чест за нив да бидат дел од него и да разговараат за состојбите во регионот.
„Јас апсолутно го кажав тоа што треба да го кажам, а е поврзано со нашата Македонија. Тој кажа свое искуство кога бил тука, нормално тогаш во друго својство, како принц а не како крал, така што генерално главниот политички врв на Велика Британија беше таму, разговаравме и со министерката за надворешни работи, разговаравме и со други официјални лица. Така што го оценувам како исклучително успешен овој престој што го имавме во Лондон“,
изјави Мицкоски.