Британскиот министер за транспорт, Грант Шанс, им порача на италијанските навивачи, чија репрезентација ќе игра против Англија во финалето на Европското првенство, да не се обидуваат да доаѓаат да го следат натпреварот.
На прашање од новинарите, што ќе им порача на италијанските навивачи, кои ќе се обидат да допатуваат во Лондон за финалето на ЕУРО 2020, тој одговори: „Немојте, тоа е одговорот на ова едноставно прашање“.
„Ако откриеме дека луѓето доаѓаат само поради фудбалот, нема да им биде дозволен влез и всушност многу чартер и директни летови се откажани врз основа на тоа“,
изјавил Шапс за Радио Тајмс, пренесува „Ројтерс“.
Италија и Англија ќе се соочат во финалето в недела на стадионот „Вембли“ во Лондон, на кое се очекува присуство на околу 60 000 луѓе, но меѓу нив ќе има малку Италијанци поради британските правила за задолжителен десетдневен карантин при влез во Велика Британија.