Европа и Медитеранот треба да се подготват за потоплите лета во кои температурите ќе надминуваат 50 Целзиусови степени, наведува Британскиот метеоролошки институт.
Во средата во Сиракуза, Сицилија, живата во термометрите достигна 48,8 Целзиусови степени. Доколку податоците бидат потврдени од Светската метеоролошка организација, тоа значи дека ќе биде надминат претходниот европски температурен рекорд од 48 степени во Атина во 1977 година.
Експертите од Британскиот метеоролошки институт посочуваат дека поради климатските промени, Европа во иднина може да се очекуваат уште повисоки температури.
„Климатските промени ги прават термичките временски екстреми уште поинтензивни, а сѐ поголеми се шансите да се повторат и да се надминат рекордните температури“,
вели професорот Питер Скот од Британскиот метеоролошки институт.
Така, во јуни 2019 година, францускиот температурен рекорд по првпат беше надминат со 45 степени.
„Нашите анализи покажаа дека постојат петпати повеќе шанси за таквите случаи да се повторат поради климатските промени“,
посочи Скот.
На веб-страницата metoffice.gov.uk се наведува дека просечната температура се зголемила за 1,1 Целзиусов степен во споредба со прединдустрискиот период, а уште повеќе во некои региони, како што е Северна Африка.
„Шансите да се соочуваме со екстремни температури секое лето сега се мошне високи. Не можеме точно да предвидиме кога ќе се случи тоа, но Европа треба да биде подготвена за можноста за поставување нови рекорди со температури над 50 степени, најверојатно во деловите на Средоземното Море на кои најсилно влијае топлиот воздух од Северна Африка“,
предупредува британскиот метеоролог.