Наместо во радиодифузниот сервис, за кој антиваксерите сметаат дека е одговорен за промоција на вакцината против ковид-19, неколкумина демонстранти добија пристап во телевизискиот центар во западен Лондон, кој сега е претежно изнајмен од група на британски комерцијални телевизии
Демонстранти против вакцинацијата во Лондон упаднаа во објект за кој мислеа дека е главна зграда на Би-би-си, очигледно не знаејќи дека корпорацијата се исели оттаму пред речиси една деценија, пренесува „Гардијан“.
Наместо во британскиот радиодифузен сервис, за кој антиваксерите сметаат дека е одговорен за промоција на вакцината против ковид-19, неколкумина демонстранти добија пристап во телевизискиот центар во западен Лондон, кој сега е претежно изнајмен од група на комерцијални телевизии за снимање на дневните емисии „Добро утро Британија“ и „Ова утро“.

Би-би-си ја испразни кружната зграда во 2013 година, во која оттогаш има станови и приватен клуб. Би-би-си задржа три студија, кои во голема мерка им се изнајмуваат на други радиодифузери и обезбедуваат постојана база за многу емисии на ИТВ. Сепак, огромното мнозинство вработени во телевизијата во Лондон и нејзините информативни седишта се сместени пет милји подалеку во Радиодифузната куќа на корпорацијата на Портланд Плејс.
Ко-водителката Шарлин Вајт се заблагодари на обезбедувањето кое ги држеше демонстрантите надвор од студиото додека нејзината програма за ИТВ беше емитувана во денеска попладне.
Многумина од демонстрантите пред зградата, се чини дека дејствуваа со уверување дека целат кон големата зграда на Би-би-си. Меѓу демонстрантите беше и Пирс Корбин, братот на поранешниот лидер на Лабуристичката партија, кој беше снимен на пренос во живо како вели „ние треба да ги преземеме овие копилиња“, додека други лица на протестот ги опишаа медиумите како „вирус“, притоа критикувајќи го известуањето на Би -би-си за пандемијата со коронавирусот.
Стотици демонстранти пред зградата скандираа „срам да ви е“, кога во меѓувреме, дојде до мал судар со полициските службеници кои го обезбедуваа влезот во студијата. Полициско засилување и хеликоптер подоцна беа распоредени на местото на настанот, додека мала група на демонстранти започна да маршира до Броадкастинг хаус во центарот на Лондон.
Би-би-си се соочи со се поголем број на вербални и физички напади на своите новинари од антиваксерите. Директорката на вести во Би-би-си, Фран Унсворт, предупреди дека злоупотребата на нејзините новинари е растечки проблем и порача вработените да се обучат како да се носат со лични напади.
Би-би-си соопшти дека не коментира безбедносни прашања, а полицијата информира дека нема уапсени.