Целта на посетата, како што се наведува во соопштението од британската амбасада во Скопје, е да се потврди силната посветеност на Обединетото Кралство на евроатлантската интеграција на земјава, да се зајакнат економските и трговските врски, како и непосредната соработка во промовирањето мир и безбедност во регионот на Западен Балкан
Специјалната претставничка на Велика Британија за Западен Балкан, Карен Пирс, денеска е во официјална посета на земјава, нејзина прва, откако во февруари годинава ја презеде функцијата од Стјуарт Пич, соопшти британската амбасада во земјава.

Целта на посетата, како што се наведува во соопштението, е да се потврди силната посветеност на Обединетото Кралство на евроатлантската интеграција на земјава, да се зајакнат економските и трговските врски, како и непосредната соработка во промовирањето мир и безбедност во регионот на Западен Балкан.
Во таа насока, Пирс во рамките на посетата ќе има средби со државниот врв на земја. Таа ќе се состане со претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а ќе има средба и со министерот за одбрана Владо Мисајловски.
„Чест ми е што сум назначена за специјална претставничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан и што ја посетувам Северна Македонија за прв пат во оваа улога. Доаѓам во посета пред самитот на Европската политичка заедница што ќе се одржи во Тирана оваа недела и Самитот на Берлинскиот процес што Обединетото Кралство го организира оваа есен со лидерите од Западен Балкан. Обединетото Кралство останува целосно посветено на зајакнување на стабилноста, безбедноста и економската соработка во регионот“,
вели Пирс во изјавата што ја пренесе амбасадата на Велика Британија во земјава.
Инаку, Карен Пирс е еден од најискусните дипломати на Велика Британија, која пред да биде назначена на функцијата специјален претставник за Западен Балкан беше амбасадор на Обединетото Кралство во Соединетите Американски Држави. На оваа функција таа беше од март 2020 до февруари 2025 година.
Таа е носител и на традиционалната британска почесна титула дама (Dame) што е женски еквивалент на витешката титула сер (Sir).
Од 2018 година, кога Пирс беше назначена, односно ја доби почесната титула – дама командат на редот на свети Михаил и свети Ѓорѓи, титулата дама стои пред нејзиното име и презиме.