Брејвермен имаше една од највисоките позиции во британската Влада, со одговорности меѓу кои и надзор на границите на Велика Британија, полиција и борба против тероризам
Суела Брејвермен денеска поднесе оставка од функцијата министер за внатрешни работи на Обединетото Кралство, велејќи дека мора да си замине откако ги прекршила владините правила, но и дека е загрижена за насоката во која оди владата на премиерката Лиз Трас.
„Направив грешка, ја прифаќам одговорноста, поднесувам оставка“,
рече Брејвермен во нејзиното писмо до Лиз Трас, објавено на Твитер.
Таа си заминува затоа што испратила официјален документ од нејзиниот приватен мејл на својата парламентарна колешка.
Брејвермен имаше една од највисоките позиции во британската Влада, со одговорности меѓу кои и надзор на границите на Велика Британија, полиција и борба против тероризам.
Нејзиното писмо со оставка звучи како напад врз премиерката Лиз Трас и нејзината влада, наведува Би-би-си.
Таа пишува дека работата на владата се потпира на тоа дека луѓето ќе ја прифатат одговорноста за своите грешки и оти продолжувањето понатаму „како сите да не гледаат дека сме ги направиле“ и да се надеваме дека работите „магично“ ќе се исправат не е сериозна политика.
Како некој кој штотуку поднел оставка откако признал грешка, повеќе се чита како повик до Лиз Трас да го стори истото по серијата пресврти по нејзиниот мини-буџет, пишува Би-би-си
Брејвермен, исто така, јасно кажува дека е загрижена за „насоката“ на владата и дали таа го почитува манифестот врз чија основа е избрана.
Нов министер за внатрешни работи ќе биде Грант Шапс кој беше главен поддржувач на Риши Сунак за време на трката за лидер на Ториевците.
Тој беше отпуштен од функцијата секретар за транспорт од страна на Лиз Трас кога таа стана премиерка и беше заменет од Ен-Мари Тревелјан, информира Би-Би-Си.