Мораме да избегнеме штета што може да се спречи и да ги заштитиме пациентите, колегите рече министерот за здравство
Здравствените работници во Англија ќе мора да се вакцинираат против ковид-19 до 1 април, изјави министерот за здравство Саџид Џавид.
Така, вакцините станаа задолжителен услов за вработување за оние кои се на првата линија на Националната здравствена служба (НХС), а со тој потег Англија ги следи Франција, Италија и некои американски земји во обврзувањето на здравствените работници да се вакцинираат.
„Сите што работат во НХС и социјална заштита ќе мора да се вакцинираат. Мораме да избегнеме штета што може да се спречи и да ги заштитиме пациентите, колегите и, се разбира, самата НХС“,
рече Џавид во парламентот.
Тој најави дека примената на оваа регулатива ќе започне од 1 април.
Џавид посочи дека ослободување од задолжителна вакцинација ќе има за лицата кои не можат да се вакцинираат од медицински причини, како и за оние кои немаат контакт лице в лице со пациентите.
Потегот уследи по сличната одлука вакцините против ковид-19 да бидат задолжителни за работниците во старечки домови, која стапува на сила во четврток (11-ти ноември).
Џавид изјави дека при консултациите за здравствените работници се размислувало и за задолжителни вакцини против грип. Сепак, тој нагласи дека во оваа фаза нема да воведе услови за вакцинација против грип, но додаде дека опцијата е отворена.