Лекарите не даваат рок кога таа ќе биде подготвена за масовно користење, туку потенцираат дека таа мора да биде безбедна и ефикасна
Во Велика Британија почна првата фаза за испитување вакцина против ковид-19, со која е предвидено да бидат опфатени околу 1 100 волонтери на возраст меѓу 18 и 55 години, од кои половината ќе примат вакцина, а другата половина контролна доза, изјави денеска Марија Зариќ од Универзитетот Оксфорд.
Зариќ, која е по потекло од Србија и е член на тимот што работи на тестирање на вакцината, за белградската ТВ Прва изјави дека испитувањето се врши во три фази.
Во првата фаза истражувачите ја тестираат вакцината за да се утврди дали има некакви несакани ефекти и колкава доза е потребна.
На прашањето кога ќе заврши испитувањето и кога ќе биде достапна вакцината, таа одговори дека тоа зависи од неколку фактори – да е безбедна, да заштитува и да биде ефикасна.
Според неа, во втората и третата фаза ќе бидат тестирани 5 000 луѓе од кои половина ќе примат ковид-вакцина, а половина контролна доза.
Зариќ нагласи и дека постои можност кога ќе се работи на истражување на ефикасноста на вакцината, коронавирусот можеби нема да биде толку присутен и нема да може да се каже дали вакцината е доволно ефикасна или не.
Таа истакна дека вирусот се појавил пред четири месеци и засега е непознато дали создава долготраен имунитет, и тоа ќе може да се каже дури за една година, а можеби и повеќе.