Поранешниот претседател на Европската комисија вели дека го нервираат одредени гласови во Европа кои се обидуваат да ги убедат Украинците дека можат веднаш да станат членки на Европската Унија

Украина сè уште не ги исполнува критериумите за членство во Европската Унија поради големата корупција. ЕУ ѝ дава лажна надеж на Украина во однос на членството, смета Жан-Клод Јункер, поранешниот претседател на Европската комисија.
Во интервју за „Аугсбургер алгемајне“ Јункер вели дека го нервираат одредени гласови во Европа кои се обидуваат да ги убедат Украинците дека можат веднаш да станат членки на Европската Унија.
Сепак, додава и дека изгледите за членство треба да се зачуваат.
Тој изјави дека секој што имал некакви односи со Украина знае дека „ова е земја која е корумпирана на сите нивоа на општеството“.
„И покрај напорите, таа не е подготвена да се приклучи, има потреба од големи внатрешни реформи. Имавме лоши искуства со некои таканаречени нови членки, како што е владеењето на правото. Ова не смее да се повтори“,
оценува поранешниот претседател на Еврокомисијата.
Истовремено, Јункер смета дека европската перспектива за Молдавија и Украина треба да се зачува, но „не треба да се поврзува со надежта дека може да се постигне преку ноќ, само со притискање на копче“.
„Доколку се постигне напредок во овие земји, без разлика дали се работи за Украина или за Западен Балкан, тие секако треба да можат да учествуваат во одредени фази на европската интеграција“,
изјави Јункер.
Весникот „Политико“ претходно, повикувајќи се на извори, објави дека Брисел се подготвува да започне официјални преговори со Киев за влез во ЕУ, кои ќе бидат објавени во декември.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, вчера изјави дека Украина би можела да ѝ се приклучи на Европската Унија во 2030 година доколку двете страни си ја завршат домашната задача.
„Украина и другите земји кандидати мора да спроведат реформи, да се борат против корупцијата и да ги исполнат законските барања. Нам во ЕУ треба да ни биде јасно што сакаме да постигнеме заедно, кои се нашите приоритети и на што сакаме да трошиме пари. И ние мора да ги забрзаме нашите процеси на одлучување“,
изјави Мишел во интервју за „Шпигел“.