Преодниот рок истекува на 31 декември, а потоа Лондон треба да ги напушти единствениот пазар на ЕУ и царинската унија
Амбасадорите на ЕУ официјално започнаа процес на потврдување на трговскиот договор со Велика Британија, откако минатата недела Лондон и Брисел го одобрија трговскиот договор по Брегзит по повеќемесечни болни преговори.
Претставниците на земјите-членки на ЕУ претходно денеска ги потврдија своите конечни позиции во однос на текстот на трговскиот договор и со тоа дадоа „зелено светло“ за конечна разделба со Велика Британија.
Преодниот рок истекува на 31 декември, а потоа Лондон треба да ги напушти единствениот пазар на ЕУ и царинската унија. Договорот постигнат од двете страни спречи големи проблеми во трговијата и односите, иако официјални лица и од Унијата и од Велика Британија предупредуваат дека може да се очекуваат некои застои во протокот на стоки и услуги во првите месеци.
Главниот камен на сопнување беше правото на риболов во британските води и постоеја стравувања дека Франција може да одбие да го ратификува договорот.
На 31 декември оваа година завршува преодниот период што започна на 21 јануари годинава, откако прво Британскиот парламент, а потоа Европскиот Парламент и Советот на ЕУ го одобрија Договорот.
Преодниот период беше за да им се остави доволно време на сите чинители да се приспособат на новата состојба. За време на оваа транзиција Обединетото Кралство сѐ уште подлежи на правото на ЕУ, но не е застапено во институциите на ЕУ.
