Генералната секретарка на Советот за регионална соработка зборуваше на панелот „65 години после Римскиот договор: дали Европа е во целост реконструирана и интегрирана“, заедно со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, српската премиерка Ана Брнабиќ и комесарот за проширување на ЕУ Оливер Вархеји
Никој од нас во регионот на Западен Балкан го нема тој луксуз да загуби ниту еден ден дополнително, имајќи предвид дека европската интеграција на регионот веќе со години стагнира, изјави генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брегу на „Преспа форумот за дијалог“ денеска во Охрид.
„Процесот на економска интеграција на Западен Балкан и неговата интеграција во ЕУ не е едноставна задача, но се надевам дека нема да ни требаат 35 години тоа да го оствариме, колку што и требаа на ЕУ да го воспостави единствениот пазар“,
изјави Брегу.
„Ние сме мал регион со 18 милиони луѓе, а можеби и помалку, од кои 76 отсто сметаат дека регионалната соработка е од голема корист. За повеќе од 43 отсто невработеноста е најголем проблем, а следи економската криза. Во време на војна и во време на пандемија треба да се зближиме. Што и да решат носителите на одлуки од нашиот регион, РСС е тука да помогне и координира, но на крајот на краиштата одлуката е на нив“,
додаде таа.
Таа потсети дека клучно за минатогодишното укинување на роамингот, токму на почетокот на првиот Преспа форум за дијалог, беше политичка волја на носителите на одлуки на земјите од Западен Балкан. Брегу зборуваше на панелот „65 години после Римскиот договор: дали Европа е во целост реконструирана и интегрирана“, заедно со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, српската премиерка Ана Брнабиќ и комесарот за проширување на ЕУ Оливер Вархеји.
