Постојат посебни групи на социјалните мрежи каде што илјадници споделуваат информации за тоа која вакцина се нуди тој ден и во кој центар за вакцинација колку долго се чека…
Жителите на Бразил, земјата во која се разви еден од соевите на коронавирусот кој предизвика опасен бран во оваа јужноамериканска држава, и каде што првиот што повикуваше на непочитување на мерките за заштита беше токму претседателот на државата, деновиве се во постојана трка за вакцинирање. Но Бразилците не сакаат да се имунизираат со каква било вакцина, туку само со оние на „Фајзер“. Дека се работи за сериозно движење говори и фактот што уште ја нарекуваат и „вакцина за гурмани“, а оние што не сакаат ниедна друга – вакцинални гурмани.

Тамошните медиуми известуваат за долги редици од граѓани што чекаат да се вакцинираат токму со оваа вакцина – многу Бразилци патуваат илјадници километри за да дојдат до пункт каде што ја има. Постојат посебни групи на социјалните мрежи каде што илјадници споделуваат информации за тоа која вакцина се нуди тој ден и во кој центар за вакцинација колку долго се чека…
Информациите се ажурираат во текот на денот во реално време. И кога ќе се прошири веста дека некаде пристигнала нова пратка „Фајзер“, трката започнува.
Овие, како што ги нарекуваат „вакцинални гурмани“ се обидуваат да ги избегнат вакцините на „Астра Зенека“ или кинеските, иако тие најмногу се нудат во бразилската програма за вакцинација, бидејќи овие две две компании имаат свои погони за производство на вакцини во Бразил.
„Зошто би го примила ‘Коронавак’ (името за кинеската вакцина) ако можам да добијам ‘Фајзер’“,
вели една жена која е дел од групата „ловци на вакцини“.
Социјалната група во која е членка тврди дека секој има право да одлучи која вакцина ја сака.
Во исто време, бразилските здравствени власти ја повикуваат јавноста да се вакцинира со достапните вакцини, бидејќи тоа ќе го забрза намалувањето на бројот на заразени лица во земјата.
„Ако сте вакцинални гурмани, тоа значи дека сѐ уште не разбирате за што станува збор“,
вели инфектологот Луана Араухо и додава дека таквите луѓе треба да обрнат внимание на бројот на заразени лица, да се „вратат во ред и да се вакцинираат“ со понудената вакцина.
Во Бразил само една четвртина од населението е вакцинирано. Има скоро 600 000 смртни случаи од коронавирус, што ја прави земјата втора во светот, веднаш зад САД.
Властите стравуваат дека кампањата за вакцинација дополнително ќе се забави доколку луѓето прифатат вакцини од само еден производител.

Во април Бразил се соочи со сериозен бран на ковид, кога дневно беа заразени и по 87 000 луѓе, а по над 4 000 умираа во преполни болници.
Претседателот Жаир Болсонаро цело време се спротивставува на какви било рестриктивни мерки за спречување на ширењето на инфекцијата и верува дека штетата врз економијата ќе биде полоша од нив отколку од последиците од самиот вирус, поради што се обиде по судски пат да укине некои од ограничувањата што ги воведоа локалните власти.
Но, во јули тој се соочи со гневот на народот, при што неговата популарност нагло падна, а стотици илјади излегоа на улиците барајќи негова оставка.