Тие се возеле во „југото“, додека со „опел астрата“ управувало 20-годишно момче од Штип, кое се здобило со телесни повреди
Брачен пар од Штип загина во тешка сообраќајка што се случи синоќа кај штипската населба Македонка.
При судир на две возила, „југо“ и „опел астра“, на самото место починале возачот, 68-годишниот Г.П. и неговата 62-годишна сопруга Ј.П., која била сопатничка во возилото.
Тие се возеле во „југото“, додека со „опел астрата“ управувало 20-годишно момче од Штип, кое се здобило со телесни повреди.
Портпаролот на СВР Штип, Гордана Панојотова, потврди дека се случила несреќа во која, како што рече, има две жртви.
Увидот треба да утврди кои се причините за сообраќајката што се случила синоќа во 23:20 часот.
Ова не е прва несреќа на овој потег на улицата „Брегалничка“ која води до приградските населби и индустриската зона Македонка, но е и излез и влез на Штип кон Кочани.