Во таа насока, министерката Божиновска изјави дека станува збор за инфраструктурен проект кој е важен не само за Македонија и Србија, туку и за цела Европа
„Уверена сум дека со заедничка координација и поддршка на нашите оператори ‘Србијагас’ и ‘Номагас’ ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји“, вели помошник-министерката за рударство и енергетика на Србија, која е задолжена за меѓународна соработка и европска интеграција, Јована Јоксимовиќ
Изградбата на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија треба да се реализира со забрзана динамика за да се овозможи поврзување на гасните системи на двете земји и пристап до нови извори на гас. Ова е заедничкиот став на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и на помошник-министерката за рударство и енергетика на Србија, која е задолжена за меѓународна соработка и европска интеграција, Јована Јоксимовиќ.

Тие денеска одржаа работен состанок на маргините на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14) кој деновиве се одржува во Скопје, на кој во фокусот била изградбата на гасниот интерконектор, проект од стратегиско значење за енергетската безбедност и диверзификација на снабдувањето со гас во регионот, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
На состанокот се дискутирало за координацијата на институциите и операторите во двете земји за реализација на проектот и биле разгледани процедурите и техничките чекори за понатамошно забрзување на активностите.
Во таа насока, министерката Божиновска изјави дека станува збор за инфраструктурен проект кој е важен не само за Македонија и Србија, туку и за цела Европа.
„Со оваа нова енергетска врска двете земји добиваат пристап до алтернативни извори и рути, а Европа добива посилен и подобро поврзан Балкан. Ова е чекор што ја позиционира нашата земја како активен и одговорен партнер во новата енергетска карта на Европа. Нашата заедничка цел е овој проект да се реализира во најкраток можен рок затоа што секој ден е важен за нашата енергетска иднина. Со заеднички напори ќе го реализираме овој проект, во тесна координација и постојана комуникација со нашите партнери од Србија“,
вели Божиновска.

Јоксимовиќ, од своја страна, порача дека заеднички ќе работат интерконекторот да стане реалност во најскоро време, исто така, посочувајќи дека се работи за проект кој има значење подалеку од нашите граници.
„Тој е дел од визијата за регион кој е енергетски поврзан, сигурен и усогласен со европските цели. Соработката меѓу нашите две земји во областа на енергетиката е пример како регионалното партнерство може да донесе конкретни резултати. Соработката со колешката Божиновска и со македонскиот тим е интензивна и исклучително конструктивна. Уверена сум дека со заедничка координација и поддршка на нашите оператори ‘Србијагас’ и ‘Номагас’, ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Имаме јасна динамика, завршени студии и поддршка од европските институции. Следниот чекор е координирана акција за изградба“,
изјави Јоксимовиќ.

Со гасниот интерконектор Србија – Македонија треба да се овозможи двонасочна врска за транспорт на природен гас меѓу двете држави, што ќе значи пристап до нови извори на снабдување.
По Меморандумот за разбирање за изградба на интерконекторот, кој го потпишаа двете влади, таков документ потпишаа и националните оператори „Србијагас“ и „Номагас“, а со цел забрзување на реализацијата на проектот.
Гасоводот е во должина од 70 километри, од кои 47 во Србија, а 23 во државава. Во земјава тој ќе биде поврзан со постојниот гасовод кај Клечовце, а во Србија со гасоводот во Врање.
