Таа додаде дека технологијата и вештачката интелигенција се сојузници за оптимизирање на потрошувачката, но енергијата мора да се користи „паметно, со фокус на луѓето“

Енергетската транзиција не е само технолошки, туку и општествен процес што бара храброст да се променат навиките, рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на отворањето на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) во Скопје.
Божиновска вели дека енергетската транзиција бара визија за носење долгорочни одлуки и подготвеност да се инвестира во решенија што не носат брзо резултати, но создаваат посигурна и поодржлива иднина за следните генерации.
Министерката Божиновска нагласи дека зависноста од еден извор е минато, а иднината им припаѓа на диверзифицираните, одржливи и сигурни енергетски решенија.
„Енергетската отпорност денес значи способност системот да се приспособи и да продолжи да функционира дури и во услови на глобална неизвесност“,
рече Божиновска.
Таа додаде дека технологијата и вештачката интелигенција се сојузници за оптимизирање на потрошувачката, но енергијата мора да се користи „паметно, со фокус на луѓето“.
Божиновска рече државата го гради интерконекторот со Грција и со Србија и додаде оти се инвестира во модернизација на преносната мрежа, дигитализација и складирање на енергија.
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, истакна дека Форумот се одржува во време на интензивирани климатски промени и геополитички проблеми, нагласувајќи дека енергетската сигурност и климатската отпорност се неразделни. Тој порача дека е клучно да се премине од обврски кон конкретна имплементација и дека децентрализираните енергетски системи се стратешка одлука која носи отпорност и пониски трошоци.
„Време е да се оди со храбри цели, а тоа е исфрлање на електраните кои работат на јаглен во фази и зголемување на капацитетите за одржлива енергија. Мораме да обезбедиме и дигитални системи за користење на податоците и користење на вештачката интелигенција за планирање, анализирање и имплементирање на политики и проекти базирани на докази. Дигиталните платформи обезбедуваат мониторинг во реално време, како и флексибилни пазари. На тој начин енергетсктие системи ќе станат пофлексибилни и поотпорни“,
рече Грегоријан.
Татијана Молчан, извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа, рече дека глобалната енергетска транзиција е историска можност, но и голема одговорност.
„Мора да градиме отпорни енергетски системи, коишто ќе осигураат безбедна, пристапна и еколошки одржлива енергија“,
кажа Молчан.
Молчан нагласи дека никој нема да успее ако работи изолирано и додаде дека регионалните комисии се во постојана соработка, што, како што рече, претставува еден модел како може најефективно да се осврнат на меѓусекторските предизвици со ограничено време и ресурси.
Во фокусот на тридневниот Форум се енергетската транзиција, технологијата и пазарите, производството на енергија и соработката за обезбедување енергетска сигурност.
