„Ми се чини дека зборовите на архиепископот (г.г. Стефан) во ова време-невреме, дури и кога нешто не гледаме, треба да веруваме во него, а тоа е повторно доброто, светлото, надежта дека човекот во нас постои, дека еве денеска се потсетуваме на богочовекот, на Исус Христос, кој не е само денеска меѓу нас, туку е постојано меѓу нас, за да нè потсети дека неговиот пат е нашиот вистински пат“, кажа претседателка на државата, која денеска присуствуваше на божиќната литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје
Според претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, поздравот „Христос се роди! Навистина се роди“, што си го упатуваат православните христијани кои денеска го празнуваат Божиќ, не е само обична изјава, туку во себе има длабока тежина и значење, што нè потсетува дека треба да го разбудиме „човечкото и божественото во нас“.

Претседателката, која денеска присуствуваше на божиќната литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, кажа дека овие карактеристики се секогаш врзани со светлина, добрина и надеж.
„Кога денеска постојано слушаме ‘Христос се роди, навистина се роди’, тоа не е само обична изјава, туку тоа е едно длабоко потсетување за себе, за најблиските, за државата, за христијаните дека оваа изјава има длабока тежина и големо значење. Значи дека треба да се потсетиме на она што го означува, а означува подготвеност и способност и желба човечкото во себе да го разбудиме, а човечкото е секогаш врзано за светлина, за добрина, за надеж, или ако можеби уште подобро може да се објасни божественото во нас да го разбудиме“,
рече таа во изјава за медиумите.
Надоврзувајќи се на оваа мисла, таа во тој контекст се повика и на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, кој чиноначалствуваше со божиќната литургија, велејќи дека на овој ден фрламе поглед кон себе, се оценуваме и се прашуваме дали навистина се однесуваме со верба и со вера во доброто, во убавото и во светлото.
„Ми се чини дека зборовите на архиепископот во ова време-невреме, дури и кога нешто не гледаме, треба да веруваме во него, а тоа е повторно доброто, светлото, надежта дека човекот во нас постои, дека еве денеска се потсетуваме на богочовекот, на Исус Христос, кој не е само денеска меѓу нас, туку е постојано меѓу нас, за да нè потсети дека неговиот пат е нашиот вистински пат“,
рече Сиљановска-Давкова.
Гледате, додаде таа, колку народ одеднаш се обединува и каква позитивна енергија и мисла има.
„Јас не видов денеска намуртен човек, сите се насмеани и сите си ветуваат сами себеси дека од денеска па натаму ќе бидат уште подобри, ќе го гледаат кај другиот најдоброто, ќе го потикнуваат кај другиот доброто, ќе трагаат по светлината, односно ќе трагаат по Бога во себе“,
додаде Сиљановска-Давкова.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека паричката за Бадник се паднала кај нејзината внука.
„Не знам да кажам дали тоа беше случајно, се разбира, на едно дете му треба да верува дека животот е пред него, дека доброто вреди да се учи, се учи, љубовта се учи, доброто се учи. Учиме ние да станеме добри луѓе и мислам дека немаше посреќно дете од неа. Се разбира, нејзината радост, како и денеска нашата радост овде со дечињата ангелчиња е немерлива. Среќни празници на сите“,
порача претседателката на државата, Сиљановска-Давкова.
