Измените и дополнувањата на Законот за матична евиденција со кои треба конечно да им се овозможи на трансродовите лица да добијат правно признавање на родовиот идентиет е во собраниска процедура, но засега не се знае кога може да се очекува тој да биде изгласан. Овие измени, како што кажа адвокатката Наташа Бошкова, во дебата на „360 степени“, се всушност правна обврска на државата по пресудата на Европскиот суд за човекои права, во која се вели дека земјава му ги прекршила правата на трансродово лице кое бараше од институциите правно признавање на родот.
„Трансродовите лица се обидуваа на различни начини да допрат до државните институции со цел да им се овозможи да го променат нивното име, пол и соодветно да се рефлектира и измената на матичниот број. Но, голем број на граѓани се соочија со проблем да добијат вакво правно признавање од страна на држава по што беа поведени бројни судски постапки и една од тие постапки заврши пред Европскиот суд за човекови права кој во 2019 година одлучи дека државата го прекршила правото на конкретното лице, но и на сите трансродови лица кои се обиделе да добијат правно признавање на родот, бидејќи нема јасна законска рамка преку која луѓето ќе можат да го остварат ова право“,
вели Бошкова.
Овој закон, појаснува таа, е произлезен како правна обрска на државата да ја спроведе пресудата на Европскиот суд за човекови права и треба да биде усвоен од Собранието.
„Законот помина на Влада без долга дискусија, па очекувавме дека со таа динамика ќе помине и во Собранието. Но, на една од собраниските комисии, како што неофицијално добивме информација е дека пратениците побарале дополнителни консултации околу критериумите под кои трансродовите лица би можеле да го остварат ова право“,
вели Бошкова.
Според неа, критериуми како медицинска документација не може да се вметнат и таков закон не би бил одржлив, бидејќи од 1 јануари 2022 година, Македонија ќе треба да го прилагодува здравствениот систем согласно новата класификација на болести донесена од Светска здравствена организација, во која што воопшто не постои дијагноза која се однесува на трансродовоста.
„Ваков критериум после 1 јануари 2022 ќе биде спротивен на медицинската и правната наука и тој закон не би бил одржлив“,
додава Бошкова.