Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска престојува во Македонија и заедно со премиерот Зоран Заев ќе ја одбележат двегодишнината од договорот за добрососедство, пријателство и соработка. Двајцата премиери ќе имаат средба на која ќе го разгледаат напредокот на соработката на билатерален и мултилатерален план, по што ќе учествуваат и на церемонијата на полагање цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Предвидено е Борисов во Скопје да се сретне и со шефот на државата, Стево Пендаровски. Потоа Борисов ќе замине во Дојран, каде што со македонскиот премиер Заев ќе го откријат споменикот на бугарскиот полковник Константин Каварналиев. Споменикот не е дел од договорот за добрососедство меѓу двете земји, ниту пак, заедничката историско-образовна комисија со Бугарија дебатирала за поставување споменици. Освен потврда дека двајцата премиери ќе го отворат споменикот, „360 Степени“ вчера од Владата не доби одговор кој го платил.
Каварналиев е непознат за историчарот Петар Тодоров, кој е и член на заедничката историско-образовна комисија со Бугарија .
„Искрено не знам многу за Каварналиев, но ако ме прашувате лично, јас како историчар сум против подигнување споменици од воено-политичка историја. Помина времето кога се величаа луѓе кои учествувале во војна, а со тоа се глорифицираа и војните“, вели за „360 Степени“ историчарот Тодоров.