Сè уште актуелниот премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, му нуди 10 пратеници на лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов, за да формира нова влада.
Тој соопшти дека ГЕРБ, како победник на изборите, ќе предложи влада за да се испочитуваат процедурите согласно бугарскиот Устав, но неговите предвидувања се дека нема да биде избрана, по што мандатот за формирање влада ќе го добие партијата на Трифонов, Има таков народ.
За време на редовна седница на бугарската влада, тој соопшти дека најколегијално побарал од Трифонов да почне со формирање влада.
„Со цел Бугарија да има политичка и економска стабилност ГЕРБ е подготвен да даде 10 пратеници за поддршка на владата на Слави Трифонов во новиот бугарски парламент“,
рече Борисов.
Борисов прокоментира и дека нови избори не се решение за земјата и додаде дека парламентот може да одржи седница на која треба да се донесе одлука за свикување на Големото национално собрание, на која претседателот Румен Радев ќе го достави својот предлог за нов Устав на Бугарија.
Тој, исто така, коментираше дека за само неколку месеци луѓето во Бугарија ќе донесат свои заклучоци за тоа кој е подобар за нив.