Британскиот премиер Борис Џонсон и неговата свршеница Кери Симондс тајно се венчале во Лондон, објавија синоќа британските медиуми.
Медиумите наведуваат дека Џонсон (56) и Симондс (33) се венчале вчера на приватна свеченост во Вестминстерската катедрала, во присуство на мал број роднини и пријатели.
На церемонијата, според медиумите, присуствувале 30 луѓе – максималниот број на луѓе кои е дозволено да присуствуваат според британските мерки за заштита од ковид-19.
Таблоидот „Сан“ пишува дека ниту членовите на Владата не знаеле дека е планирана венчавка.
Џонсон и Симондс во февруари 2020 година објавија дека се вериле. Тие го имаат едногодишниот син Вилфред. Џонсон зад себе има два брака, а на Симондс ова ѝ е прв брак.
„Би-би-си“ го потенцира и фактот дека по безмалку 200 години, Џонсон стана првиот премиер кој се оженил за време на мандатот. Последниот премиер кој се венчал додека бил на функција бил Лорд Ливерпул.