Британскиот премиер, Борис Џонсон, денеска изјави дека неговата земја ќе соработува со талибанците, новите владетели на Авганистан, доколку тоа е неопходно.
„Сакам да ги уверам луѓето дека нашите политички и дипломатски обиди да се најде решение за Авганистан ќе продолжат, па дури и да соработуваме со талибанците доколку е потребно“,
рече Џонсон.
Британскиот премиер кажа дека ситуацијата на аеродромот во Кабул, од кој илјадници очајни Авганистанци се обидуваат да ја напуштат земјата, „малку е подобрена“.
Британската Влада соопшти дека од саботата досега евакуирала 1 615 лица вклучувајќи 399 британски државјани, 320 вработени во амбасадата и 402 Авганистанци.
На прашањето дали министерот за надворешни работи, Доминик Рааб, сè уште ја има неговата доверба, откако беше критикуван за одговорот на авганистанската криза, Џонсон лаконски одговори – „апсолутно“.