Секој предлог за друг пат е одвлекување на вниманието со лоши последици врз силната работа што мора да се направи за да се постигне визијата за обединета, силна и просперитетна Европа, смета потпретседателот на Унијата
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ ќе одржат расправа во Брисел за посилен политички ангажман на Унијата со партнери од Западен Балкан, а пред нејзиниот почеток високиот претставник на ЕУ и потпретседател на Европската комисија Џозеп Борел рече дека Унијата сака да му понуди на регионот подобра европска перспектива.
Борел најави дека состојбата на Западен Балкан е една од најважните теми за кои ќе разговараат министрите за надворешни работи на ЕУ.
„Ние сакаме да имаме нов увид во ситуацијата на Западен Балкан и да видиме како можеме повеќе да се вклучиме во регионот“,
рече Борел.
Тој ја истакна важноста на Западен Балкан за ЕУ и додаде дека на состанокот ќе се разговара за начините „да му се понуди на регионот подобра и посилна европска перспектива“.
Како што беше претходно најавено, Борел ќе им претстави „нон-пејпер“ на министрите на состанокот, на кој е посочено дека јасна цел на Западен Балкан е полноправно членство во ЕУ, и секој предлог за друг пат е одвлекување на вниманието со лоши последици врз силната работа што мора да се направи за да се постигне визијата за обединета, силна и просперитетна Европа“.
Министрите за надворешни работи на Унијата повторно ќе се состанат во вторник во формат „општи работи“, а шефовите на држави или влади треба да разговараат во јуни за тоа како да ги вметнат односите со Западен Балкан во стратегиските приоритети на ЕУ.
Борел најави дека за време на состанокот ќе се разговара и за климатските промени и соработката со Соединетите Држави на тоа поле, како и за односите со Русија, ситуацијата во Либан и одложувањето на палестинските избори закажани за 22 мај.