Борел ја повика Русија да се врати на преговарачка маса со посредство на Франција и Германија, нагласи дека ЕУ „не сака да придонесе за каква било ескалација“ и додаде дека „треба да се очекува најдоброто, а да се подготвиме за најлошото“
Во врска ситуацијата на украинската граница, градоначаникот на Киев, Виталиј Кличко, денеска, предупреди на руска инвазија на Украина, откако од претходно и САД предупредија дека Русија подготвува напад

Секоја агресија против Украина нема да помине без политички последици и високи економски трошоци за Русија, изјави денеска во Европскиот парламент високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел. Сепак тој додаде дека ЕУ првенствено ќе се обиде да спречи ескалација на тензиите меѓу двете земји.
ЕУ, исто како и САД и Украина со недели ја обвинуваат Русија за планирање напад врз Украина, иако Кремљ демантира.
„Русија од ноември на необичен начин трупа војници и оружје долж границата со Украина. Украина е наш стратешки партнер и, се разбира, ние сме загрижени поради распоредувањето на руските сили“,
рече Борел пред европратениците.
Тој ја повтори „непоколебливата поддршка“ на Унијата за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и најави нов финансиски инструмент, кој не вклучува оружје, туку обезбедување санитетска и логистичка поддршка на оваа земја за „јакнење на нејзината отпорност“.
Борел ја повика Русија да се врати на преговарачка маса со посредство на Франција и Германија, нагласи дека ЕУ „не сака да придонесе за каква било ескалација“ и додаде дека „треба да се очекува најдоброто, а да се подготвиме за најлошото“.
Во врска ситуацијата на украинската граница, градоначаникот на Киев, Виталиј Кличко, денеска, предупреди на руска инвазија на Украина, откако од претходно и САД предупредија дека Русија подготвува напад.
Според НАТО, пак, Русија распоредила меѓу 75 000 и 100 000 војници, а Западот стравува дека тоа ќе значи повторување на 2014 година, кога Русија го анектираше полуостровот Крим. Истата година, проруските сепаратисти окупираа дел од источна Украина, регионите Доњецк и Луганск. Во овие судири кои траат веќе седум години убиени се повеќе од 13 000 луѓе.
Додека Западот ја обвинува Русија, Кремљ негира дека подготвува инвазија на Украина и тврди дека трупањето на руски војници долж границата со таа земја е исклучиво од одбранбен карактер и бара безбедносни гаранции за сопствената безбедност. Исто така, Русија го повика НАТО да не распоредува оружје во земјите кои граничат со Русија и категорично се противи на евентуалното членство и на Украина и на Грузија во Алијансата.
Руските власти, исто така, се заканува дека ќе распореди нуклеарни ракети во Европа како одговор на слични планови на НАТО, кои, од друга страна, Алијансата ги отфрла.