Шефот на дипломатијата на ЕУ вели дека никогаш не добил документ за прекројување на границите, ама дека слушнал за наводниот нон – пејпер
На прес конференцијата по нивната средба во Брисел, неизбежно беше прашање за наводните нон-пејпери што циркулираат во ЕУ и содржат идеи за прекројување на границите на Босна и Херцеговина и другите земји во регионот. Шефот на дипломатијата на ЕУ рече дека никогаш не добил таков документ, но дека слушнал за него.
„Сакам да ја искористам оваа прилика да ја потврдам нашата постојана и недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина и на другите земји на Западен Балкан. Треба да се фокусираме на работи што се важни, а не да дебатираме за идеи што се дистракција од идејата да се внесе целиот Западен Балкан во ЕУ. Тоа е една од најважните работи на мојот мандат. За да го разјаснам ова ќе се јавам вечерва до претседателството на Б и Х,“
рече Борел.
Српскиот претседател, исто така, изјави дека не е запознаен со таков документ, но додаде дека, за разлика од многумина тој е отворен да разговара за сите идеи, иако неговиот фокус останува подобрувањето на економијата и приближувањето на Србија кон ЕУ, пренесува МИА.
„Го поддржуваме интегритетот на Босна и Херцеговина, сум го рекол тоа илјада пати, но, исто така, го поддржуваме и интегритетот на Република Српска во рамките на БиХ, како наша обврска која произлегува од Дејтонскиот договор“,
рече Вучиќ.
На средбата Борел – Вучиќ станало збор и за дијалогот со Приштина, чија следна рунда би требало да се одржи на 11 мај. Српскиот претседател се заложи за конструктивен пристап и создавање атмосфера која ќе овозможи постигнување на компромис со Косово во рамките на дијалогот и изрази надеж дека и косовската страна ќе покаже ист степен на ангажираност.