САД ја ограничуваат употребата на балистички ракети со долг дострел што ѝ ги доставуваат на Украина, како и некои членки на ЕУ. Украина очајно сака да ги гаѓа аеродромите и другите воени објекти во Русија кои се користат за напади врз нејзините вооружени сили и цивили
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска апелираше до западните сојузници на Украина да ги укинат ограничувањата за употреба на оружје што ќе ѝ овозможи на нејзините вооружени сили да напаѓаат цели во Русија.
САД ја ограничуваат употребата на балистички ракети со долг дострел што ѝ ги доставуваат на Украина, како и некои членки на ЕУ. Украина очајно сака да ги гаѓа аеродромите и другите воени објекти во Русија кои се користат за напади врз нејзините вооружени сили и цивили.
„Мораме да ги укинеме ограничувањата за употреба на оружје против руски воени цели, во согласност со меѓународното право. Оружјето што ѝ го даваме на Украина мора да биде целосно искористено, а ограничувањата мора да бидат укинати за да можат Украинците да ги таргетираат местата од каде што Русија ги бомбардира. Во спротивно, оружјето е бескорисно“,
изјави Борел за новинарите во Брисел каде што министрите за надворешни работи на ЕУ се собраа за да разговараат за руската инвазија на Украина.
Зборувајќи заедно со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, Борел ги осуди нападите на Русија врз цивилите и цивилната инфраструктура.
„Русија сака да бомбардира една европска земја до целосна капитулација“,
рече тој.
Кулеба изјави дека приврзаниците на Украина ќе бидат самите виновни доколку Русија победи. Тој инсистираше на тоа дека Украина сака само да нападне легитимни воени цели во Русија.
„Ако ни бидат испорачани доволно проектили, ако ни биде дозволено да нападнеме, значително ќе го намалиме капацитетот на Русија да ја оштети нашата критична инфраструктура и да ја подобриме ситуацијата на нашите сили на теренот“,
рече тој.
Кулеба, исто така, го повика Западот да ги исполни своите ветувања за брзо испраќање воена поддршка за Украина.