Поранешниот американски советник за национална безбедност Џон Болтон тврди дека уште во 2018 година една од работите за кои зборувале Белград и Приштина за решавање на прашањето била и можноста за размена на територии.
Во изјава за за албанскиот портал „Факсвеб“ тој вели дека прашањето за „корекција на границата“ не е негова идеја иако сметал дека вреди да се вложи напор.
„Мојата идеја не е размена на територии, но лидерите на Косово и Србија тоа го побараа. Мислев дека мора да се преземат одредени чекори на Балканот и Источна Европа. Прво, да се намали руската вклученост. Кажав дека на Балканот останува опасноста со нерешените спорови, дека е тоа плодна почва за некој кој може да создаде конфликти“,
рече Болтон.
Тој открива дека оваа идеја со одбивност била дочекана од Германија,Западна Европа и одредени делови на Балканот.
Болтон ја коментираше изјавата на специјалниот претставник на американскиот претседател за дијалог Белград-Приштина, Ричард Гренел, кој минатиот месец рече дека идејата за размена на територии потекнува од Болтон, а не од американскиот претседател Доналд Трамп.
„Во моментов сум во поинаква позиција заради ситуацијата создадена од Џон Болтон, која се разликуваше од претседателот Трамп во однос на Косово и Србија. Цело време морав да се борам со гласините за размена на територии, што во никој случај не е „политиката на Трамп. Двете страни велат дека го слушнале тоа од Болтон“,
рече Гренел во интервју за Фокс њуз.