Претходно низ целата земја се огласиле сирени, а израелските медиуми објавија дека неколку експлозии се слушнале и во Централен Израел, а пријавени се и неколку други директни удари

Израелското Министерство за надворешни работи објави дека болницата „Сорока“ во јужниот израелски град Бершеба е погодена од балистичка ракета откако Иран го започна својот последен бран одмазднички воздушни напади врз земјата.
„Гардијан“ пишува дека непотврдени снимки на социјалните мрежи покажуваат луѓе како трчаат низ ходници исполнети со прашина и остатоци и лекари како стојат надвор меѓу урнатините од зградата.
„Пријавен е директен удар во болницата ’Сорока’ во Бершеба, јужен Израел. Повеќе детали ќе следат“,
објави Министерството за надворешни работи на платформата Икс.
Soroka Hospital in Beersheba – where Jews, Muslims, Christians, and Arab Bedouin receive care – was just hit by an indiscriminate Iranian ballistic missile.
— Israel Foreign Ministry (@IsraelMFA) June 19, 2025
Israel will continue to do what must be done to protect all its people, from all walks of life. pic.twitter.com/JNgYYYcz1N
Портпаролот на болницата пријави дека се проценува штетата на болницата, како и тоа колкумина се повредени. Тој упатува и апел до жителите да да доаѓаат во болницата.
За нападот на болница, на Икс информираше и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој вели дека иранските „терористички тирани“ лансирале ракети врз болницата „Сорока“ во Бершеба и врз цивилното население во централен Израел.
Претходно низ целата земја се огласија сирени, а израелските медиуми објавија дека неколку експлозии се слушнале и во централен Израел, а пријавени се и неколку други директни удари. Експлозии се слушнале над Тел Авив и Ерусалим.
Експлозиите, слушнати околу 7:10 часот наутро по локално време, биле најмоќните во Ерусалим од почетокот на војната, предизвикани од израелскиот напад врз Иран, кој започна на 13 јуни.
„Тајмс оф Израел“ објави дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) детектирале ново лансирање балистички ракети од Иран. Според објавата, сирените за воздушен напад се огласувале низ целиот централен, северен и јужен Израел, како и во областа на Ерусалим. На сите цивили им било наложено да останат во засолништата до понатамошно известување.
Израелската служба за спасување „Маген Давид Адом“ соопшти дека најмалку 47 лица се повредени во последните ракетни напади на Иран и оти уште 18 се повредени „додека трчале кон засолниште“.
Три лица се во сериозна состојба, а две се со полесни повреди, вели портпаролот на МДА во соопштението објавено од агенцијата Франс прес.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, на платформата Икс напиша дека неговата земја останува посветена на дипломатијата, но ќе продолжи да дејствува во самоодбрана против Израел.