За гласање во вториот изборен круг, според податоците на ДИК, пријавени се 4 826 болни и изнемоштени лица. Денеска ќе гласаат и затворениците и лицата во домашен притвор од општините каде што се бираат градоначалници
Болните, изнемоштените, затворениците и лицата во старските домови денеска гласаат за избор на градоначалник во 32 општини и Градот Скопје пред утрешниот втор круг од изборите.

За гласање во вториот изборен круг, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), пријавени се 4 826 болни и изнемоштени лица, а најмногу пријавени има во Општина Кичево, вкупно 823 лица. Денеска гласаат и затворениците и лицата во домашен притвор од општините каде што се бираат градоначалници.
Гласање за избор на градоначалник ќе има во 32 општини и Градот Скопје, а на три избирачки места во Општина Шуто Оризари ќе се повтори гласањето за советници поради утврдени нерегуларности на гласањето на 19 октомври. Право на глас во вториот изборен круг имаат 1 013 357 граѓани.
Вчеравечер на полноќ заврши изборната кампања, а во тек е изборниот молк кој трае до 19 часот в недела, кога се затвораат избирачките места.
