По втората објава на Гогов, се јави пратеникот на СДСМ од Струмица Костадин Костадинов, посочувајќи дека веќа е набавено ново возило, што ќе стигне за околу два месеци
Ново болничко возило ќе добие болницата во Струмица, откако нејзиниот директор Наќе Гогов прво алармираше на фејсбук дека недостигаат возила поради ситуацијата со ковид-19 и побара донации од струмичани, па се премисли и апелираше да не се донира.

По втората објава на Гогов, се јави пратеникот на СДСМ од Струмица Костадин Костадинов, посочувајќи дека веќа е набавено ново возило, што ќе стигне за околу два месеци.
„Во оваа пандемија, клучот е да бидеме одговорни и во интерес на граѓаните да делуваме со ладни глави.Го разбирам притисокот кај здравствените работници.Во консултации со премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче би сакал да ја информирам јавноста дека е обезбедено ново амбулантно возило и најдоцна за два месеци, до декември оваа година треба да пристигне за Струмичката болница“,
напиша Костадинов на Фејсбук.
Дополнително, додаде, во првото тромесечије од 2021, како донација од Кина, ќе пристигнат 60 амбулантни возила за земјава.
„Директорот на струмичката болница го потврди хаосот и криминалот на семејството Заеви и на Филипче во здравството. Додека СДСМ и Филипче ги трошат парите од здравството на сопствен луксуз, скапи автомобили и хациенди, Струмичката болница нема пари за ново амбулатно возило и бараа донации замислете на Фејсбук.Костадин Костадинов е лицемерен, бидејќи кога ВМРО-ДПМНЕ бараше три амбулантни возила за Струмица Владата одговори дека нема потреба. А сега ќе се чека два месеци за ново возило“,
реагираа од ВМРО-ДПМНЕ по објавата на Костадинов.