Целосно го отфрлам отштетеното побарување од причина што во целост го негирам делото за кое сум правосилно осуден. Пред овој суд истакнувам, покрај тоа што го негирам делото и покрај правосилната пресуда, дека ќе дојде момент кога ќе се утврди вистинската фактичка состојба, рече Јовановски на рочиштето во Граѓанскиот суд
Во Основниот граѓански суд Скопје денеска се одржа рочиште за тужбата на бизнисменот Јордан (Орце) Камчев со која бара отштета од Бојан Јовановски – Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, кои во случајот „Рекет“ се осудени на затворски казни бидејќи, според тврдењата на бизнисменот и пресудата од Кривичниот суд, му биле земени 1,5 милион евра.
Меѓу обвинетите во предметот што се водеше пред Кривичниот суд беше и Зоран Милески-Кичеец, но Камчев ја повлече тужбата против него.
На денешното рочиште во Граѓанскиот суд прв исказ даде тужителот Орце Камчев, кој хронолошки ги образложи случувањата преку кои тој смета дека му е нанесена штетата, јави МИА.
„Средствата коишто ми беа изнудени и коишто ги барам како отштета согласно и вештачењето што е доставено, се мои сопствени средства коишто биле предавани преку други лица наведени во постапката, а за кои средства и во вештачењето е потврдено дека се пренесени од мојата трансакциска сметка и за кои средства е платен данок на Република Северна Македонија“,
рече Камчев.
Тужениот Бојан Јовановски, пак, во својот исказ истакна дека целосно го отфрла отштетеното побарување.
„Целосно го отфрлам оштетеното побарување од причина што во целост го негирам делото за кое сум правосилно осуден. Пред овој суд истакнувам, покрај тоа што го негирам делото и покрај правосилната пресуда, дека ќе дојде момент кога ќе се утврди вистинската фактичка состојба. Затоа испраќам апел преку овој суд и јавноста која е присутна на ова рочиште до највисокиот суд да овозможи повторување на постапката поради тоа што има многу недоречености и контрадикторности кои за жал денеска претставуваат правосилни факти за чија пресуда денеска сме овде“,
рече Јовановски.
Во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13 доби затвор од девет години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, додека Јанева е осудена на седум години затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителниот акт, Бојан Јовановски влијаел врз Катица Јанева, за таа да му овозможи попривилегиран третман на бизнисменот, осомничен во предметот „Империја“ кој го водеше СЈО.
