Тој во писмото најмногу обвинувања изнесува кон поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, велејќи дека таа била должна како доказ да достави вештачење со точна процена на облеката и предметите што му биле одземени. Меѓутоа, вели, во текот на судскиот процес и магаре да било донесено во судница и да се тврдело дека тој го купил со пари од Камчев ќе се прифатило како круцијален доказ

Бојан Јовановски-Боки 13, осуден во „Рекет“, преку писмо до медиумите излезе со реакција дека лежи во затвор за нешто што се тврди дека го стекнал, а не е проценето колку вреди. Станува збор за облека и премети кои му беа одземени, а преку кои се тврдеше дека тој перел пари.
„Во текот на судењето за никогаш недокажаниот случај ’Рекет‘ многупати јас и мојот бранител Сашко Дукоски, адвокат од Скопје, истакнувавме барање за вештачење на одземената гардероба, чевли, чанти, накит, очила, часовници, уметнички слики, лустери, фотелји и гарнитури за седење, истото тоа го наведовме и пред Апелацискиот суд во жалбената постапка, за истото тоа пишувавме и пред Врховниот суд во барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, но сè беше залудно бидејќи наредбата да бидам осуден (без докази и без законито спроведена постапка) беше посилна од законот и правото!!!“,
пишува Јовановски во писмото.
Неговото писмо доаѓа откако неделникот „Фокус“ објави дека облеката и по четири години не е проценета бидејќи нема вештак за тоа.
Дали доколку сега се направи вештачење, прашува Јовановски, ќе може да добие повторување на постапката за „Рекет“.
Но, вели , сигурен е дека тоа нема да се случи и додава дека неговата облека е украдена и сега некој друг ја носи.
„Направете го што побрзо, иако однапред знам дека давате само голи соопштенија, а дека вештачење и процена никогаш нема да направите бидејќи не ви одговара, бидејќи веќе и немате што да вештачите, дотолку повеќе што главната поента зошто молчите и глувците ќе останат гладни е токму тоа што одземената гардероба и друга брендирана стока е дрско испокрадена и заменета со други парчиња слични на одземената брендирана стока! Само си се прашувам: чии ли нечисти раце ми ги носат чантите? Чии ли нечисти нозе ми ги носат чевлите? Чии ли проклети очи ги скриваат моите очила? И кој ли си го мери времето до зад решетки со моите часовници?!?!“,
пишува Јовановски.
Тој во писмото најмногу обвинувања изнесува кон поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, велејќи дека таа била должна како доказ да достави вештачење со точна процена и утврдена вредност на тоа што му било запленето, а кое Јовановски тврдеше дека не го купил во четири месеци како што тврдеше обвинителството туку се работи кои тој ги набавувал во изминатите 15-20 години.
„Но, во моментите на суперслава и супермоќ на денес суспендираната Вилма и проаѓаше се како подмачкано, па така и магаре да донесеше во судница и да кажеше дека сум купил магаре од 1.5 милион евра (никогаш недокажаните и наводни пари од Орце Камчев), ќе беше круцијален доказ за онаа судијката Васка, роднина и братучетка на Иван Џолев, и онаа другата судијка Софче да ме осудат така крвнички и политички нарачано“,
вели Јовановски.
Во писмото тој ја споменува и операцијата што самиот ја нарече „Бумеранг“, а во која најави доставување „бомби“ и поднесување кривични пријави против функционери и бизнисмени, па вели дека во рамки на тоа ќе биде опфатена и токму поранешната шефица на ОЈО ГОКК.
Јовановски во „Рекет“ е правосилно осуден за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари на девет години затвор, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување на седум.