Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истражна постапка и бара притвор за Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и за Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец. Јовановски се сомничи за кривичните дела примање награда за противзаконито влијание и за перење пари , додека Милевски само за противзаконито влијание. Двајцата осомничени тргувале со влијание, убедувајќи луѓе кои се дел од истражна постапка дека се моќни кај јавен обвинител.

„Истражната постапка се води затоа што во периодот од месец ноември 2018-та, до април 2019-та, првоосомничениот искористувајќи го своето влијание врз јавен обвинител влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а второосомничениот битно придонел со тоа што континуирано договарал средби и воспоставување меѓусебен контакт со првоосомничениот со сопругата на осомничениот во таа постапка и лично со осомничениот. На средбите, тие ги увериле сведоците дека првоосомничениот има влијание врз обвинителот и за посредувањето примиле вкупно 1.500.000 евра. Средбите се одржувале на повеќе места, во домот на сведоците и на првоосомничениот. Биле побарани вкупно 8.000.000 евра за да се запре истражната постапка, а доколку таа не биде запрена, тогаш во насока на изнаоѓање на олеснителни околности, сведокот требал да им исплати 5.000.000 евра, со тоа што веќе дадените 1.000.000 во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4.000.000 евра било договорено да се исплаќаат суксесивно на четири месечни рати“,
изјави обвинителката Вилма Русковска.
На првиот осомничен му се става на товар и делото перење на пари, затоа што претходно примените парични средства ги пуштил во оптек како легални стекнати пари и со нив плаќал одмор и купувал гардероба иако сето тоа ги надминува неговите приходи.
Во моментов се преземаат повеќе дејствија за обезбедување докази. Јавното обвинителство охрабрува и други лица кои биле подложни на вакви дејствија да пријават во Обвинителството. Обвинителството до судијата на претходна постапка доставило и детално образложен предлог за обезбедување мерка притвор за двајцата осомничени.

Иако медиумите инсистираа, ниту обвинителката Рускоска ниту републичкиот јавен обвинител не сакаа да кажат за кој обвинител станува збор. Не објаснија ниту дали трговијата со влијание, благодарејќи на моќта на обвинителот се остварила. Обвинителството е на став дека засега немаат докази за незаконско постапување на јавен обвинител, но и дека обвинителот за кој станува збор не бил повикан да даде исказ.
„Предмет на кривичното дело е самото тргување со влијанието. Други се прашањата дали дошло до остварување на тоа влијание или не дошло до тоа влијание. Сите тие прашања во текот на истрагата ќе бидат истражени и испитани“,
рече републичкиот Јавен обвинител Љубомир Јовески.
Јавниот обвинител на РСМ беше прашан и дали денешната оставка на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е поврзана со истражната постапка. Тој, одговори дека оставката е нејзин личен чин кој тие нема да го коментираат.
Според неофицијални, но добро упатени извори, „360 Степени“ дознава дека се тргувало со влијание за случајот „Империја“ на СЈО. Тоа е предметот во кој Орце Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделески и 10 други лица се сомничат за повеќе кривични дела, меѓу кои измама и перење пари. Петмина осомничени, меѓу кои Камчев и Мијалков, завршија во притвор за овој случај во првата половина на ноември 2018 година, за само месец и половина подоцна, на крајот на декември, СЈО да се премисли и наместо дотогашниот затворски да побара куќен притвор за осомничените во овој предмет. Образложението беше дека успешно се прибрани сите докази и потребни сведочења