Во писмото, освен тоа што повторува дека е во животозагрозувачка состојба поради неговата здравствена состојба, Јовановски се осврнува и на кривично-правната операција со кодно име „Бумеранг“ во која најави доставување „бомби“ и поднесување кривични пријави против функционери и бизнисмени. Во оваа насока, Јовановски ѝ посочува на Агелер оти се соочува со сериозни закани и уцени од страна на поединци кои се директно засегнати од оваа состојба, а тие, како што вели, се со реална моќ и влијание
Откако веќе еднаш ѝ испрати писмо на американската амбасадорка во земјава, Анџела Прајс Агелер, во кое ѝ се пожали за состојбата во која се наоѓа, Бојан Јовановски познат како Боки 13, кој во затворот „Идризово“ издржува деветгодишна казна за случајот „Рекет“, сега одново ѝ испраќа писмо на амбасадорката на САД.
Во писмото, освен тоа што повторува дека е во животозагрозувачка состојба поради неговата здравствена состојба, Јовановски се осврнува и на кривично-правната операција со кодно име „Бумеранг“ во која најави доставување „бомби“ и поднесување кривични пријави против функционери и бизнисмени.

Во оваа насока, Јовановски ѝ посочува на Агелер оти се соочува со сериозни закани и уцени од страна на поединци кои се директно засегнати од оваа состојба, а тие, како што вели, се со реална моќ и влијание.
„Испраќам барање и неприкосновена замолница за помош од ваша страна и во најкус можен рок да ме посетите вие лично или делегирано лице од ваша страна во КПУ ‘Идризово’ бидејќи се соочувам со сериозни закани, уцени, негативни дејствија и појави од страна на поединци кои се директно засегнати од целата оваа актуелна состојба, а истите се со реална моќ и влијание. Во име на вашата императивна заложба за владеење на правото во нашата земја, во име на заштита на моите основни човекови права, а сето во рамки на вашите надлежности, ве молам да постапите по ова известување и по мојата изразена замолница до вас и да ме посетите во најкус можен рок“,
пишува Јовановски во писмото до американската амбасадорка.
Во писмото до Агелер, Јовановски повторно се пожали на односот на претседателот на Основниот суд во Скопје, Иван Џолев, и вели дека сè уште не е постапено по жалбата во која тој изразува сомнеж оти решението со кое не му се одобрува отпуштање од затворот поради неговата состојба, е фалсификувано.
„Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, поради своите лоши намери и негативната тенденција кон мене, изразени и видливи преку првостепеното решение ПК бр.18/22, со кое барањето за прекин го одби како неосновано, ги девалвираше и ја наруши кредибилноста на докторите специјалисти и супспецијалисти кои се докажани врвни стручњаци во областа и ги погази нивните издадени категорични и стручни препораки за моето понатамошно лекување, како единствени компетентни за оценка на мојата здравствена состојба“,
додава Јовановски во писмото.
Во оваа насока, Јовановски вели дека на други осудени лица им се овозможувало отпуштање од затворите и за помали дијагнози и интензитет на болеста.
Ова е второ писмо што Јовановски познат како Боки 13 ѝ го испраќа на американската амбасадорка во земјава, Анџела Прајс Агелер, а во кое ѝ се жали за состојбата во која се наоѓа и од неа бара да во најкус можен рок да го посети во затворот „Идризово“ каде што тој ја одлежува деветгодишната казна.