Во врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, Бојмацалиев изјави дека сите биле потресени од овој случај и нагласи дека внатрешната контрола нарачана од Тошковски покажала оти нема неправилности во истрагата
И од приватна и од професионална гледна точка сме многу различни со министерот Панче Тошковски, вели во интервју за телевизијата Клан дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
„Јас секаде спомнувам неколку примери каде што сме биле јас и Тошковски во различни ситуација. На пример, јас на 27 април бев вработен во Собранието, еден од тие во прес-салата, а Тошковски беше еден од адвокатите кои ги бранеше тие на 27 април. Така што и од приватна и од професионална гледна точка сме многу различни“
рече Бојмацалиев во утринската програма на Клан.
Во врска со најавите на Тошковски за распоредување дополнителни полицајци на изборниот ден во Тетово и Гостивар, Бојмацалиев рече дека тоа е работа на директорот на Бирото за јавна безбедност, кој има златна команда.
„Тој ги носи одлуките, колкаво присуство на полиција и каде ќе има. Доколку се појават информации кои локалниот штаб ќе ги прати до централниот од кој било град, ќе се донесе одлука и ќе има засилено полициско присуство“,
изјави тој.
Во врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, Бојмацалиев изјави дека сите биле потресени од овој случај и нагласи дека внатрешната контрола нарачана од Тошковски покажала оти нема неправилности во истрагата.
„Во тој случај сите бевме потресени, тоа е еден таков немил настан што во последните 30 години не паметиме како граѓани, но во целата таа неубава случка која се случи македонската полиција постапи професионално, навремено и брзо. Ова што го зборувам не е од политичка гледна точка или некого да бранам, ова го зборувам и по извештајот кој го нарача Панче Тошковски во внатрешна контрола. Знаете дека тој нарача ревизија на целиот случај и ние обелоденивме во јавноста мислам дека беше пред две недели дека против никој од колегите нема дисциплински прекршок“,
рече дополнителниот заменик министер за внатрешни работи.
На прашањето дали некој некого опструира во МВР, Бојмацалиев со одговор:
„Знаете, со доаѓањето на техничката влада се створи слика дека претходно Спасовски ништо не направил со тоа, сè почнало со Панче Тошковски, тој го решил проблемот иако тој велеше дека нема магично стапче. Тоа беше една лажна вест која се пласираше во јавноста дека нема обрасци, дека има хаос, дека некој некого опструира. Ме критикуваа дека ги пречекав обрасците на граничен премин ‘Богородица’, ама има многу луѓе на кои им ја поништив лажната вест дека нема обрасци. Имаше и ќе има. Тендерот кој го спроведуваме од 2019 година е направен токму од Спасовски, овие лични карти се први кои денес ги добиваме од новиот тендер исто така спроведен од Спасовски. Никој никого не опструира. Ова секаде го кажувам, ние со Спасовски како тим водевме грижа за секоја работа”.
