Претходно денеска, раководството на „Железници транспорт“ го оквалификува како незаконски дводневниот прекин на работа на Железницата поради бојкотот на машинскиот персонал кој бараше исплата на вториот дел од декемвриската плата
Железничкиот сообраќај е повторно вратен во нормала по дводневниот бојкот на машинскиот и извршниот персонал од „Железници транспорт“ кои бараа исплата на вториот дел од декемвриската плата.
„Исплатен е вториот дел од платата за декември лани во „Железници на РСМ Транспорт“ со што машинскиот и извршниот персинал го прекина бојкотот поради кој од вчера не сообраќаа патничките и товарните возови во државава“,
информира за МИА Душко Чакаровски, претставник на машинскиот и извршниот персонал.
Чакаровски најави дека со исплатата на платата е исполнето нивното барање и тие се на работните места, а за половина час ќе тргнат возовите, согласно дневниот распоред од возниот ред.
Претходно денеска, раководството на „Железници транспорт“ го оквалификува како незаконски дводневниот прекин на работа на Железницата поради бојкотот на машинскиот персонал кој бараше исплата на вториот дел од декемвриската плата.
Како што посочија од кабинетот на генералниот директор на „Железници транспорт“, „прекинот на работата односно штрајкот не е организиран согласно Законот за работни односи и Колективниот договор на Железници РСМ Транспорт АД – Скопје и оти не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машинскиот персонал“.
„Железници РСМ транспорт“ ја известува јавноста дека во услови на пандемија како и енергетска криза редовно ги исплаќаат платите и надоместоците на вработените, иако друштвото се соочува со намалени приходи, а во исто време и зголемени трошоци по однос на користење на електричната енергија, кој инпут енормно ги зголемува вкупните трошоци во редовното работење,
наведуваат од ЖРСМ Транспорт и напоменуваат дека Железници на РСМ на вработените им го има исплатено првиот дел на плата за декември 2021 година.
Прекинот на железничкиот сообраќај, како што изјави претходно Чакаровски, е според Одлуката од 2 ноември 2021 година, донесена на собир на севкупниот машински и извршен персонал независно од членство во синдикат. Според одлуката, доколку до 25-ти во тековниот месец не биде исплатена платата во целост на 26-ти (односно првиот работен ден после 25-ти) со почеток во 07.00 часот машинскиот и извршниот персонал ќе ја бојкотира работата.