Бугарскиот премиер Бојко Борисов се извини за тоа што Македонците ги нарекол северномакедонци.
„Кога реков северномакедонци реакциите беа како да сум убил некого. Тоа беше ненамерна грешка и јас се извинувам“,
рече Борисов.
Во однос на изјава во која за Гоце Делчев рече дека нема потреба да се дебатира со оглед дека е Бугарин, Борисов денеска се коригира. Појасни дека токму поради ваквите прашања Комисиите што работат на историските прашања меѓу двете земји треба конечно да се договорат.
„Да, но претходно рековме дека Гоце Делчев е Бугарин кој се борел за слободата на Македонија. Тоа беше изјавата. Поради тоа на денешната седница кажав дека тоа треба да се реши. За да не ми поставувате повеќе такви прашања, тука е претседателот на нашата Комисија, професорот Ангел Димитров, кој е спремен да одговори на прашањата за Гоце Делчев, за востанијата, за ВМРО. Обратете му се нему. За да нема простор за политички напади, повелете тука е професорот, тој ќе ви даде одговор. Кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено меѓу Комисиите, тогаш ќе избереме што ќе се прави. Ова сценарио сакаме да го одбегнеме по секоја цена. Згрешив тогаш, згрешив…“
рече Борисов.
Бугарскиот премиер неколку пати потенцираше дека Бугарија нема да биде пречка за С. Македонија да ги започне пристапните преговори за членство во Европската Унија.
„Дури и не би сакал да мислам дека е можно да се дојде до такво прашање. По сите заеднички напори, нашата цел е фокусирана. И сега да дојде ситуација јас да кренам рака против С. Македонија е недопусливо. Комисиите треба секојневно да работат за да се унапреди тој процес. Зоран е сведок како јас се борев со Германија и Франција за да се постигне Договорот. И ние да допуштиме С. Македонија да биде блокирана? Не сакам ни како мисла да си го допуштам. Да напоменам, ние политичарите треба да внимаваме, не само да се поклонуваме пред хероизмот на овие луѓе, туку да овозможиме и се што треба за да се влезе во Европска Унија“,
рече Борисов.
На новинарско прашање што ако Комисиите до октомври не се договорат чиј е Гоце Делчев, дали тогаш Бугарија ќе постави блокада за С. Македонија, Борисов кратко и децидно одговори: „мора да се постигне договор, не треба да се пречекори октомври, мора да се договорат“.
„Мислам дека јасно одговорив, Бугарија на никаков начин не се вмешува во работата на С. Македонија. Јас многу внимателно ги следам вашите медиуми и, за жал, препознавам надворешни сили кои работата против Бугарија. Со што е заплашена С. Македонија од Бугарија? Дали не направивме се во текот на овие две години С. Македонија постојано да биде во светлина? Што е причината да се манифестира ваква злоба кон Бугарија… Комисиите треба да седнат и да разберат дека имаат историска задача и до октомври да се завршат овие теми. Мора да се постигне договор, не треба да се пречекори октомври, мора да се договорат“,
рече бугарскиот премиер.
По средбата со македонскиот колега, Борисов изјави дека во изминативе две години од потпишувањето на Договорот, со вложените напори на двете земји се постигнале нешта кои претходно биле незамисливи.
Раскажа дека додека летале кон Скопје, бугарскиот историчар Ангел Димитров, кој е претседател на нивната Комисија, му одржал лекција со тоа што рекол дека на секое ритче над кое прелетале се загинати десеттици илјади луѓе, а земјата е натопена со крв.
„Тие загинале за сега ние да бидеме заедно, а регионот да има перспектива“,
рече Борисов.