Менаџерот на Алфа ТВ Јани Бојаџи за „360 степени“ потврди дека дел од вработените и хонорарците протестираат поради неисплатени две плати и хонорари и најави дека се ќе се реши до крај на овој месец кога се што им се должи ќе биде исплатено
Денеска на телевизијата се појави кајрон со известување дека вестите ќе траат само 10 минути и ќе бидат без прилози, видео и тонски материјали, нешто што тие го најавија уште во известувањето до менаџерот Бојаџи на 11 овој месец
Утре, а најдоцна до крајот на оваа недела, вработените во ТВ Алфа ќе добијат една од двете плати со чија исплата се доцни, а хонорарците ќе добијат по еден хонорар. Ова за „360 степени“ ни го изјави менаџерот на телевизијата Јани Бојаџи, откако денеска на телевизијата се појави кајрон со известување дека вестите ќе траат само 10 минути и ќе бидат без прилози, видео и тонски материјали.
„Поради состојбата во која се наоѓа нашата и ваша телевизија Алфа, принудени сме да ги скратиме вестите на 10 минути, без прилози видео и тонски материјали. Истото се однесува и на останатите информативни програми, а ваквиот формат останува се до надминување на состојбите“,
пишува на кајронот.
Бојаџи ни потврди дека им две неисплатени плати на вработените и на хонорарците, и дека се работи за околу 155 до 160 луѓе, при што вели дека утре, а најдоцна до крајот на неделава ќе се исплати по една плата и еден хонорар, додека до крајот на август ќе се подмират сите долгови на телевизијата кон вработените и хонорарците.
„Колегите од редакцијата Вести, дел од информативната редакција одлучија да протестираат. Тоа е нивно право кое јас го почитувам, бидејќи Алфа има синдикат и јас целосно и како професионалец и како човек го почитувам ова нивно право. Се надевам дека и тие ќе ги почитуваат своите обврски што ги имаме ние како теллевизија со национална концесија и дека сето ова брзо ќе се реши“,
ни изјави попладнево Бојаџи во телефонски разговор, додавајќи дека нема никакви забелешки за однесувањето на поголем дел од вработтените и хонорарците.
Тој инсистираше да се укаже дека телевизијата единствено има долг во плати и хонорари за своите вработени, но дека сите останати давачки кон државата се подмирени и нема никакви долгови.
Денешниот потег е резултат на револтот кај вработените во ТВ Алфа што го најавиле уште на 11 овој месец во известувањето до менаџерот на телевизијата Бојаџи и на акционерите во телевизијата, каде се вели дека се доцни со две плати и три хонорари и нема здравствено осигурување.
Во известувањето се вели дека од 16 август (денеска) од вестите во 12.30 часот тие ќе бидат по 10 минути без никаков материјал, снимени и со уредник на ден, а снимателите нема да одат на терен.