Колку да нe мисли господинот Ахмети дека плаши некого, ТВ Алфа и понатаму останува на своите уредувачки определби во кои слободата на изразување е првата и последна точка од будалија до демократија. Ако сме за битки, во таа битка Алфа ќе се бори со своето најмоќно оружје – вистината и слободата на изразување, вели директорот на Алфа, Јани Бојаџи
Телевизија Алфа им е пријател на Албанците во Македонија и секаде во светот. Телевизија Алфа е пријател на секоја националност во Македонија. Господинот Али Ахмети да излезе од адреналинот, да ги симне еполетите и да се врати во светот на цивилите каде што нема непријатели. Патем, да посочи еден единствен пример каде што телевизија Алфа навредила кого било поради тоа што е Албанец по националност, реагира директорот на ТВ Алфа, Јани Бојаџи, откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на партиска трибина во Гостивар викендов ги нарече телевизиите Алфа и Телма „непријатели на Албанците“.
„Најмоќниот човек во владата на Димитар Ковачевски, господинот Али Ахмети, би било добро да одговори на прашањето дали минатонеделната експресна пресуда на Основниот суд Скопје против Телевизија Алфа а во врска со даночни настани од 2014 година ги има нарачано тој, со цел да се пресмета со како што ги нарекува „непријателите“ од Телевизија Алфа? Бидејќи е јасно дека ова е предизборна кампања, мене лично како гласач политичарот Али Ахмети ми е поприфатлив кога пее песни во кабинетот со цигара во раката, отколку кога се расфрла со воени повици и непријателства. Колку да не мисли господинот Ахмети дека плаши некого, Алфа Телевизија и понатаму останува на своите уредувачки определби во кои слободата на изразување е првата и последна точка од будалија до демократија. Ако сме за битки, во таа битка Алфа Телевизија ќе се бори со своето најмоќно оружје – вистината и слободата на изразување“,
вели директорот на Алфа, Јани Бојаџи.
АВМУ ја осуди изјавата на Ахмети за телевизиите Телма и Алфа
Остра осуда за изјавата на Ахмети стигна и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Јавните личности, а особено претседателите на политичките партии треба да бидат свесни дека слободата на изразување подразбира и одговорност. Наместо да се служат со непримерна комуникација, тие треба да служат за пример и да покажат највисоко ниво на почитување на еден од клучните столбови на демократијата – медиумите“,
велат од АВМУ.
Оттаму потсетуваат дека е неопходно да се почитуваат европските стандарди и ги повикуваат политичарите да се воздржат од употреба на јазик со кој се дискредитираат медиумите и се поттикнува меѓуетничка нетолеранција и нетрпеливост бидејќи, „на овој начин се поткопуваат евроинтеграциските процеси наместо да се придонесува за демократскиот развој на државата“.
ЗНМ: Али Ахмети не смее да етикетира медиуми
Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), исто така, го осудија јавното етикетирање на телевизиите Телма и Алфа од страна на претседателот на ДУИ.
„Оваа скандалозна изјава е штетна и може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Изјавата е посебно проблематична што доаѓа од претседател на политичка партија која е дел од власта и истата може да стимулира напади и закани врз медиумите и новинарите од страна на партиските припадници, а тоа може да повлече многу негативни последици на слободата на изразување. Сметаме дека јавните функционери, а особено лидерите на политичките партии, треба да се воздржат од изјави кои што етикетираат медиуми, бидејќи тоа е во спротивност со европските вредности кои самите политичари се обидуваат да ги промовираат пред граѓаните“,
посочуваат од ЗНМ.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на синоќешната трибина во Гостивар, порача дека телевизиите Телма и Алфа биле „непријатели на Албанците“.
Говорејќи за судирот во редовите на партијата, каде што група партиски функционери предводени од поранешниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, остро се спротиставува на неговите најблиски соработници, пред сè на вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи, Ахмети повика на единство и смирување на страстите.
„Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира, на непријателите на Албанците, тие аплаудираат, Алфа, Телма, мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“,
рече Ахмети.
По реакциите во јавноста се огласија од ДУИ од каде што објаснуваат дека Ахмети не спомнал непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните.
„На синоќешниот собир со граѓаните во Гостивар, претседателот на Демократската унија за интеграција, г. Али Ахмети зборуваше за недостигот на ангажман од страна на македонските политички партии со граѓаните во контекст на односите со Албанците, затоа што е вознемирувачка омразата кон албанските лидери на државните институции, која се прикажува од македонските граѓани во контактните емисии на македонските телевизии со етикети како Бугар Османи, Артан Груби терористот, навреди кон самиот Али Ахмети и другите. Тоа е последица на неработењето на македонските политички партии со граѓаните и намерното продлабочување на поделбите помеѓу народот. Г-дин Ахмети не спомна непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните, поттикнати од политичките партии во контактните емисии на овие телевизии“,
се наведува во соопштението на ДУИ.