На конкурсот распишан од Општина Центар досега нема пристигнато проект за идејно решение за локацијата „Треска“
Целта на продолжувањето на рокот на конкурсот и зголемувањето на наградниот фонд е да се привлечат што е можно повеќе понуди, вели Богдановиќ
Општина Центар го продолжи рокот за аплицирање на Конкурсот за идејно решение за просторот кај поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје и го зголеми наградниот фонд за најдобрите трудови, информираше градоначалникот Саша Богдановиќ на својот профил на Фејсбук.
Рокот кој требаше да заврши на крајот на август е продолжен до 1 октомври, а буџетот за наградниот фонд е зголемен за 597 000 денари, односно за 9 700 евра.
Во изјава за „360 степени“, Богдановиќ вели дека до Општина Центар има разни прашања за конкурост за „Треска“ од заинтересирани страни, но дека досега официјална понуда за идејно решение не е пристигната.
Градоначалникот објаснува дека одлуката за продолжување на рокот на конкурсот и на наградниот фонд е донесена по разговори со дел од стручната јавност, а целта е да се стимулираат што е можно повеќе понудени идејни прокти.
„Во разговорите со архитектите решивме дека е потребен подолг рок, да не испадне дека набрзина го правиме овој процес…А имаше барање од Комората на архтекти за зголемување на наградите, со цел да стимулираме што поголем број на понуди“,
вели Богдановиќ.
Дел од стручната јавност, и претходно во разговори со „360 степени“ критикуваше дека наградите за најдобрите трудови на конкурсот за „Треска“ се симболични, а роковите кратки за изработка на квалитетно идејно решение.
Првично, наградата за првото место беше 260 000 денари или околу 4 илјади евра, втората 150 000 денари (2 400 евра), а за третото место беа предвидени 100 000 денари или 1 600 евра. Предвидени беа и по 500 евра за откупот на наградените трудови.
Како точно ќе се распредели новиот награден фонд засега не е прецизирано, а Богдановиќ вели дека наградите отприлика се двојно зголемени од првичната понуда.
Инаку, со конкурсот треба да се дојде до ново решение за оваа локација на која, според Деталниот урбанистички план од 2012 година, кој се врати во сила по укинувањето на мораториумот, треба да никнат 30 згради. Според конкурсот, пак, со новото решение треба да се најде простор за јавни содржини – детска градинка, содржини од културата, зеленило, локален парк…