Можно е одржување предвремени локални избори во Општина Штип, најави градоначалникот на општината, Благој Бочварски, кој си заминува од оваа функција бидејќи е предложен за министер за транспорт и врски во новиот владин состав.
„Јас и досега имав назначено заменик градоначалник од редот на советниците, постапката ќе ја продолжи општината и ќе се преземат сите наредни чекори, ќе се избере в.д. градоначалник кој ќе ја извршува таа функција се до следните локални избори. Законот е јасен па ќе го толкуваат и нашите правници. Реална е таа можност да се оди на предвремени локални избори, според овие закони, нека ги толкуваат правниците, како ќе се одлучи, веројатно е дека во Штип ќе треба да има предвремени локални избори. Во кој момент ќе се случат треба да одреди Владата и ресорното министерство. Има точно определени рокови до кога треба да се донесат овие одлуки и до кога може да трае мандатот на в.д. градоначалникот. За граѓаните најважно е општината да продолжи да функционира непречено, а јас ќе ја давам мојата поддршка“,
рече Бочварски.
Тој денеска во Штип зборуваше за проектите на општината како отчет за досегашната негова работа како градоначалник. Рече дека пожртвуваноста му ја донела новата позиција.
„Се будев и легнував со предизвиците за мојот град и граѓаните. Ова беше препознаено од мандатарот и јас сум единствениот градоначалник кој има чест да го води ова гломазно министерство. Со ист жар ќе се борам за она што ни е важно денес и за идните гренерации“,
порача Бочварски.
Како министер за транспорт и врски рече дека ќе продолжи да работи на значајни инфраструктурни проекти за целата земја. Најави изградба на нова, модерна инфраструктура по европски стандарди.