Министерот најави и дека од утре граѓаните од Југоисточниот регион ќе патуваат по новата обиколница и нема да влегуваат во градот Штип
Во финална фаза се процедурите од тендерската постапка за изградба на железничката пруга од Коридорот 8, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска од Штип.
Вели дека за двете делници во игра се осум компании, а очекува на почетокот на годината да се склучат договорите со избраните компаниите.
„За првата делница Куманово – Бељаковце имаме три заинтересирани фирми, за втората делница Бељаковце – Крива Паланка имаме пет заинтересирани компании. Нашите и моите очекувања се дека во текот на јануари ќе можеме да потпишеме и договор и кон крајот на првиот квартал, односно напролет 2022 година да започне да се гради пругата кон Бугарија. Тоа е многу значајно и со инвестиција од околу 200 милиони евра првата и втората фаза ќе влезат во реализација. Исто така, децениски проект којшто денеска се решава и денес продолжува со градба“,
вели Бочварски.
Прашан дали и во Буџетот за 2022 година се предвидени средства за изградба на брана на река Отиња, Бочварски со одговор дека се планирани средства.
„Браната на река Отиња останува во буџетот на Министерството за транспорт и врски, тоа е предлог-буџет којшто допрва ќе оди во Собрание и ќе има доволно средства за да се одвиваат непречено активностите и во наредната 2022 година. Моите сознанија и она кое што го знам од проектите и од изведувачите на терен некаде 2023 ќе биде годината кога ќе ја завршиме градбата на оваа брана и со тоа очекувам да направиме уште една голема и крупна работа за регионот и за општина Штип“,
рече Бочварски.
Бочварски порача дека Министерството за транспорт и врски и Владата остануваат отворени за соработка со општините, без разлика на тоа кој ги менаџира.
„Апсолутно, ние сме отворени за соработка. Впрочем, тоа го докажавме и во изминатиот период, имаше општини и во минатиот мандат коишто ги раководеа градоначалници и од опозицијата и од власта. Подеднакво инвестиравме насекаде, во сите региони, тоа се гледа колку инвестиравме во сите општини, така ќе продолжиме и во иднина. Заради тоа што инвестирајќи во општините, помагајќи на општините помагаме пред се на граѓаните. Тоа е нашиот народ, тоа се нашите граѓани, без разлика кој управува важно е да се соработува“,
истакна Бочварски.
Министерот за транспорт и врски, Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми најавија дека од утре граѓаните од југоисточниот регион ќе патуваат по новата обиколница и нема да влегуваат во градот Штип.