Бочварски вели дека ѝ посочиле на Општина Центар дека мислењата од стручната комисија при Министерството за транспорт и врски, која елаборатите за суспензија на спортните планови ги оцени како „промашени“, не се обврзувачки и дека крајната одлука ја носи локалната власт
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски не чувствува одговорност што не се спречи планот за изградба на висококатници на паркингот спроти „Холидеј ин“ во центарот на Скопје. Бочварски вели дека била формирана стручна комисија и дека Министерството нема надлежност да блокира или стопира урбанистички планови, туку дека тоа е исклучиво надлежност на локалните самоуправи.
На новинарски прашања, министерот посочи дека ѝ кажале на Општина Центар дека мислењата од стручната комисија при Министерството, која елаборатите за суспензија на спортните планови ги оцени како „промашени“, не се обврзувачки и дека крајната одлука ја носи локалната власт.
„Министерството за транспорт и врски не носи детални урбанистички планови во Центар, ниту суспендира детални урбанистички планови во која било општина. Тоа исклучиво го прави општината со Советот на општината. Не случајно кажавме дека Општина Центар има можност сама доколку смета да си донесе одлука каква што треба да донесе. Исто така, не мора која било општина да тргне во насока на супензија на одредени планови за да блокира нешто, туку може во кој било момент да започне постапка за преработка, доработка или нов урбнанистички план на таа локација“,
рече Бочварски, додавајќи дека ова и било предочено на Општина Центар.
Бочварски посочи дека требало точно да се лоцираат штетите по јавниот интерес, а на прашање дали градоначалникот на Центар ја замајувал јавноста, Бочварски рече дека тој има свои ингеренции и со тоа можел да делува во целиот изминат период со Советот на општината.
„Тие носеа серија на одлуки, вклучувајќи ја и онаа за мораторумот на плановите во Општина Центар, така што тие се бореа во однос на ова прашање, но по одлуката на Уставниот суд за стопирање на ваквата постапка за мораторумите, беше јасно дека сите урбанистички планови се во сила. Така што, апсолутно не би сакал да навлегувам во постапките на Општина Центар. Тоа се нивни одлуки, одлуки кои треба да се дискутираат во Советот на Општина Центар за тоа што е најдобро за граѓаните на Центар“,
рече Бочварски.
Инаку, стручната комисија при Министерството за транспорт и врски пред еден месец утврди дека Општина Центар ги промашила елаборатите за суспензија, односно наместо да бара суспензија за конкретни спорни локации, Општината побарала суспензија на цели детални урбанистички планови, притоа посочувајќи нерегуларности само за одредени места, а не за цели планови.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ пак, е на став дека по ова мислење, Општината нема основ да бара стопирање на планот и дека веќе нема никаква пречна да почне да се гради.
„За да имате основ за суспензија треба да потврдите кои се основите за тоа. По мислењето од Министерството за транспорт и врски испаѓа дека не сме во право за причините што ги наведовме како основ за суспензија. И ако утре дојде до било каков спор ние ќе ги трпиме последиците, бидејќи ако некој тужи ќе каже дека Министерството посочило дека нашите заклучоци не се издржани“,
рече Богдановиќ.
Изградбата на висококатниците во центарот на Скопје е предвидена со Деталниот урбанистички план донесен од ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година. СДСМ, иако ветуваше, не ја спречи имплементацијата на спорните планови, а дополнително овозможи и дооформување на парцелата со продажба на државно земјиште кај паркингот спроти „Холидеј ин“.